Парична награда за учениците од „Дане Крапчев“ кои освоија второ место на светски натпревар по роботска игра

Макфакс

05/06/2026

17:08

380

Големина на фонт

а а а

Учениците од основното училиште „Дане Крапчев“ од Ченто освоија второ место на престижниот меѓународен натпревар First Lego League во роботска игра и за својот успех добија парична награда од 10.000 денари од Општина Гази Баба, која ја предводи градоначалникот Бобан Стефковски.

Парична награда од 10.000 денари доби секој ученик и наставник-ментор кој е дел од победничкиот тим од основното училиште „Дане Крапчев“ во населба Ченто, кој освои второ место на престижниот меѓународен натпревар „First Lego League“ во категоријата роботска игра.

Честитки од градоначалникот

„Денес имав особена чест во Општина Гази Баба да ги примам учениците од ООУ „Дане Крапчев“, кои испишаа историја освојувајќи го второто место во светот на престижниот натпревар FIRST LEGO League во роботска игра. Во конкуренција од 55 држави и повеќе од 1.000 ученици од целиот свет, нашиот тим со освоени 525 бодови се искачи на самиот светски врв и уште еднаш докажа дека Македонија има млади таленти кои со своето знаење, креативност и посветеност можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во светот. Како признание за овој историски успех и за афирмацијата на Општина Гази Баба и нашата држава на меѓународно ниво, им го доделивме највисокото општинско признание, како и парична награда од 10.000 денари за секој ученик и наставник-ментор кој е дел од победничкиот тим“, соопшти градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Наставничко водство

Тој упати честитки и огромна благодарност до наставничката по информатика Марина Пејковска, која со својата стручност, пожртвуваност и љубов кон учениците седум месеци неуморно го водеше тимот кон овој историски резултат.

Поддршка и мотивација

„Голема благодарност и до сите ментори кои со својата енергија, организација, визија и поддршка помогнаа секоја идеја да стане реалност и секој предизвик да се претвори во нова можност за успех. Вие сте нашата гордост, нашата иднина и најубавиот доказ дека Македонија има генерации кои можат да освојуваат светски врвови. Продолжете да сонувате големи соништа, да создавате и да победувате – затоа што целиот свет веќе слушна за вас!“, напиша Стефковски.