Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ го истакна дипломатскиот успех на Владата и како тој им пречи на СДС, нагласувајќи ги резултатите во евроинтегративниот процес и историските достигнувања на Македонија на меѓународен план.
Дипломатскиот успех на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ му пречи на СДС, на кои единствен успех би им бил уставни измени за редефинирање на македонската историја, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта неделава од Македонија испрати јасна порака дека Македонија има опиплив напредок во делот на исполнување на Реформската Агенда, а дополнително тоа се потврди и со добивањето на 65,7 милиони евра од Планот за раст, што е за 50% повеќе од фронтранерите Црна Гора и Албанија. Македонија за првпат е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации – ЕКОСОК, за мандатниот период од 2027 до 2029 година. За првпат од независноста, ќе бидеме дел на едно од главните тела на системот на Обединетите нации. Ова е историски успех на македонската дипломатија. Успех на посветеност, на доверба, на работа која често се одвива далеку од очите на јавноста, но која носи конкретни резултати“, рече тој.
Според Манасиевски, нацрт-извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за Македонија, кој се однесува за периодот до ноември 2025 година, испраќа важна политичка порака, а тоа е дека Македонија останува јасно препознаена како европска држава, посветена на реформите, регионалната стабилност како и стратешкото партнерство со ЕУ и НАТО алијансата.
„Имаме заедничка изјава со ЕУ во делот на одбраната и безбедносната политика. Пост-мониторингот со Советот на Европа е завршен со што ги исполнуваме сите демократски капацитети како држава. Имаме стратешки договори со Унгарија, Хрватска, Обединетото Кралство и САД. Но, исто многу важно во делот на дипломатијата конкретно во делот со Бугарија е дека по долги години потчинување, понижување и неработење од страна на тогашната влада предводена од СДС, сега Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потпиша Ратификување на договор со Бугарија за Коридорот 8, што е од клучно значење за Европа, регионот како и самиот Балкан“, рече Манасиевски.
Додека едните се сликаа на автопати со маички и си делеа провизии од анексите за работа на коридорите, додека другите потпишуваа бланко листови за да останат ден повеќе на власт на штета на македонските интереси, додаде тој, ВМРО-ДПМНЕ работи на евроинтегративниот процес, со реални ефекти, со реални резултати и со државнички однос кој денес го поздравуваат голем број на функционери од земјите членки на ЕУ.
„Затоа на СДС, дипломатскиот успех на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им пречи. Затоа што за нив единствен успех би бил ставањето на Бугарите во Уставот за редефинирање на македонската историја“, рече Манасиевски.















