Интересна најава од соседството: Спанулис го повлекува Димитријевиќ во својот амбициозен проект

Дерби

05/06/2026

12:29

346

Големина на фонт

а а а

Ненад Димитријевиќ и неговите соиграчи од Баерн Минхен се пласираа во финалето и ќе се борат за титулата во Германија, но како што стојат работите, финалните средби ќе бидат последни за македонскиот репрезентативец во оваа средина.

Извонредниот плејмејкер секогаш е интересен за различни клубови во Европа во летниот преоден рок, а последните вести кои пристигнуваат од Грција велат дека Нено е прв избор на Василис Спанулис.

Легендарниот грчки кошаркар потпиша тригодишен договор со Арис и ќе го води амбициозниот проект на клубот од Солун, а според вестите кои пристигнуваат од нашиот јужен сосед, едно од првите засилувања сака да му биде токму Нено.

Димитријевиќ игра како позајмен играч во Баерн Минхен и сигурно ќе има амбиции да игра кошарка на високо ниво, но фактот што би можел да соработува со легендарниот Спанулис сигурно ќе биде добра причина да ја прифати понудата.

Според информациите од Грција, Спанулис директно го контактирал Нено и преговорите се во напредна фаза, па многу брзо може да се очекува и комплетирање на оваа интересна зделка за двете страни.