Доделени беа 19 признанија за најуспешните во повеќе области, еден од најемотивните моменти беше хуманитарната иницијатива „Нешто добро од срце“ посветена на семејството Велковски од Куманово, преку која нивниот дом беше целосно обновен, а настанот заврши со финално giveaway извлекување на главниот подарок – автомобил.
Во атмосфера исполнета со емоции, силни пораки, музика и искрени аплаузи, синоќа во Restaurant Park by Ragusa Group во Скопје се одржа Lazarov Awards 2026. Второто издание на оваа манифестација уште еднаш ги обедини најуспешните и најинспиративните личности од македонската јавна сцена, претворајќи го настанот во вистинска прослава на талентот, креативноста и човечноста.

Настанот започна со црвен тепих низ кој продефилираа бројни музички ѕвезди, инфлуенсери, спортисти, актери и јавни личности, создавајќи атмосфера достојна за манифестација која ги слави најдобрите достигнувања во изминатата година. Пред почетокот на гала-програмата, гостите имаа можност да ги споделат своите впечатоци и очекувања, додека бројните гледачи преку дигиталните платформи ја следеа возбудата што ја најави големата вечер.
Во речиси четиричасовната програма беа доделени признанија на поединци и проекти кои во изминатиот период оставија значаен белег во спортот, музиката, културата, дигиталниот простор и јавниот живот.

Признанието „Талент без граници“ ѝ припадна на Тамара Тодевска, додека во категоријата „Нова сензација“ беа прогласени Тина Русева и Никола Станишиќ. Титулата „Спортист на годината powered by Mozzart“ ја освои Дарио Ивановски, а признанието „Спортски подвиг на годината“ му беше доделено на Марко Пејчиновски.
Finn Wattchow (Finn Macedonia) беше прогласен за „Травел-инфлуенсер на годината“, додека СОС Детско село беше избрано за „Херои на годината“. Признанието „Талент на декада“ ѝ припадна на Антониа Гиговска, а наградата за „Најгледан YouTube проект“ му беше доделена на „Виц Битка“ на Стефан Николовски.

Признанието „Stand-up на годината“ замина кај „На линија“ на Валентин Костадиновски Тино и Атанас Атанасовски, додека „Концерт на годината“ го понесе Влатко Лозаноски со „Километри љубов“.
Во музичките категории, наградата за „Албум на годината“ ја доби Слаткаристика за „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, а титулата „Артисти на годината“ им припадна на 2Bona. За „Фолк пејач на годината“ беше прогласен Влатко Миладиноски, додека Young Dadi со „Лидија“ ја освои наградата за „Хит на годината на млад артист powered by Zdrava Stanica“.
Дупер освои две признанија – „Бенд на годината“ и „Хит на годината“ за песната „Може, може, може“. Во театарската категорија беше наградена претставата „Аматери“ на Театар Комедија, а за „Инфлуенсер на годината“ беше прогласена Миа Костова.

Еден од највпечатливите моменти на настанот беше посветен на хуманитарната иницијатива „Нешто добро од срце“, зад која стојат Стефан Лазаров, Димитар Атанасовски и Васил Мандаровски – Мандар. Пред присутните беше претставена успешната приказна за целосната обнова на домот на семејството Велковски од Куманово, реализирана со поддршка од бројни компании, партнери и хумани поединци. Видео-приказната за нивниот нов почеток предизвика силни реакции кај присутните и уште еднаш потврди дека кога добрината ги обединува луѓето околу заедничка цел, резултатите можат вистински да променат нечии животи.

Во текот на вечерта публиката имаше можност да ужива во настапите на Игор Џамбазов, Тамара Тодевска, Антониа Гиговска, Влатко Лозаноски, Слаткаристика, Young Dadi, 2Bona, Дупер, Никола Станишиќ, Тина Русева, Влатко Миладиноски, Јован Јованов и Елвир Мекиќ, како и многу други изведувачи кои придонесоа за атмосфера исполнета со музика и позитивна енергија. Особено впечатлив беше настапот на Благица Павловска и Антониа Гиговска со безвременскиот хит „Чукај, чукај срце“, кој во препознатливиот стил на Благица ја крена атмосферата и ја разигра публиката. Настапот на Влатко Миладиноски доби посебна нота со гитарската придружба на таткото на Стефан Лазаров, создавајќи еден од најтоплите моменти на вечерта, додека Young Dadi и Лидија уште еднаш покажаа зошто нивниот хит е меѓу најслушаните во изминатиот период.

Настанот заврши со финално giveaway извлекување, кога беше доделен и главниот подарок – автомобил, со што беше заокружена вечер исполнета со возбуда, радост и позитивна енергија.
Lazarov Awards 2026 уште еднаш потврди дека зад секој успех стојат труд, посветеност и приказни што заслужуваат да бидат слушнати. Покрај признанијата за најдобрите, настанот испрати и силна порака дека талентот треба да се препознае, успехот да се поддржи, а добрината да се споделува – затоа што токму таквите приказни оставаат најголема трага.


















