Роби Фокс и Кели Питерс се венчале во Институтот за рак „Dana-Farber“ и болницата „Brigham and Women's“ во Бостон минатиот месец, откако на Фокс му бил дијагностициран Јуингов сарком.
Јуинговиот сарком е агресивна форма на рак што се развива во коските или во околните меки ткива, најчесто во коските на нозете и карлицата, според податоците на клиниката Мејо.
На Фокс првпат му бил дијагностициран рак откако го повредил колкот во велосипедска несреќа во 2024 година. Се лекувал во Институтот за рак „Dana-Farber“ и болницата „Brigham and Women's“. Поминал низ околу 40 зрачења, 14 циклуси хемотерапија и десетици трансфузии на крв, пред конечно да влезе во ремисија во февруари 2025 година.

Во текот на сите терапии покрај него била неговата девојка Кели Питерс, која ја запознал за време на студиите и со која започнал врска на третата година од студирањето. Ја запросил во март 2025 година, по веста дека е во ремисија.
Меѓутоа, парот сѐ уште не можел да здивне. Девет месеци подоцна, ракот му се вратил на Фокс, овојпат во поагресивна форма. Болките се засилувале и покрај лековите што ги земал, а семејството на крајот донело тешка одлука да биде префрлен на палијативна нега во болница.
„Ми рече нешто во стилот: ‘Ако сакаш, можеш да ме оставиш. Не мора да минуваш низ ова со мене’. А јас му реков: ‘Не. Нема да ти дозволам да минуваш низ ова сам и премногу те сакам’“, раскажала Питерс низ солзи за „CNN“.

Питерс за „Fox 25“ изјавила дека венчавката била нејзина идеја.
„Си помислив: ‘Мислам дека треба да се венчаме’, а тој беше толку возбуден и среќен поради тоа. Кога сега се навраќам наназад, мислам дека е многу позначајно тоа што беше мој сопруг отколку да не беше“, додала таа.
На 15 април, точно осум години од денот кога се запознале на Универзитетот Илон, парот се венчал. Питерс ја споделила емотивната церемонија, одржана во болничка соба, на ТикТок.
Парот се држел за раце во текот на целата церемонија, разменил завети, а потоа го споделил и првиот брачен бакнеж.
„Тоа го направи најсреќен и тоа беше единственото што ми беше важно“, рекла таа.
На 25 април, само десет дена по венчавката, Фокс починал, се наведува во неговиот некролог. За „Boston 25“ таа го опишала како сакан, дружељубив човек и голем вљубеник во природата, кој засекогаш ќе остане во нејзиното срце.
„Верувам дека дојдов на овој свет за да се грижам за него и да го сакам, а за возврат ми подари љубов што беше толку чиста и посебна и поради која и двајцата се чувствувавме исполнето“, изјавила Питерс за „CNN“.










