Здравствените експерти истакнаа дека темелното џвакање го подобрува варењето на храната и може да има позитивен ефект врз мозокот, па дури и да помогне во борбата против Алцхајмеровата болест.
Темелното џвакање храна може да донесе широк спектар на здравствени придобивки – од подобро варење и намален внес на калории, до ослободување од стрес и анксиозност, како и подобрена когнитивна функција, подобрување на меморијата и зголемен распон на внимание.

Со оглед на тоа што постои врска помеѓу здравјето на забите, Алцхајмеровата болест и деменцијата, експертите велат дека подобрувањето на оралното здравје може да помогне во забавување на процесот на ментално стареење, пишува британскиот јавен сервис „Би-Би-Си“ (BBC).
На основно ниво, џвакањето ја разградува храната на помали честички. Покрај тоа, го зголемува количеството на дигестивни ензими како што е амилазата, кои помагаат во разградувањето на храната, но исто така ги поттикнува цревата и панкреасот да лачат сокови кои дополнително учествуваат во варењето.
Разградувањето на храната на помали парчиња ја зголемува нивната површина, што им овозможува на дигестивните сокови да работат поефикасно. Ова е важно за здравјето на цревата, бидејќи поголемите честички имаат тенденција да се задржуваат подолго во дигестивниот тракт, давајќи им на микроорганизмите повеќе време за ферментација. Исто така, џвакањето помага во ослободувањето на хранливите материи од храната, што ја подобрува нивната апсорпција во телото.
Невронаучникот Абишек Кумар истакнал дека џвакањето игра важна улога во зачувувањето на здравјето на мозокот, особено за време на стареењето. Исто така, губењето на забите е поврзано со зголемен ризик од Алцхајмерова болест и деменција.

Други научници теоретизираат дека џвакањето делува како пумпа што го стимулира протокот на крв во мозокот, со што ја одржува неговата функција. Истражувачите, исто така, укажуваат на сложени невронски врски помеѓу апаратот за џвакање и хипокампусот - делот од мозокот одговорен за просторно учење и формирање на нови сеќавања.
Во некои случаи, откриено е дека џвакањето ја подобрува концентрацијата, а експертите додаваат дека тоа може да биде и ефикасен начин за ослободување од стресот.










