Заминувањето и престојот во вселената се исклучително физички напорни дури и за лица во одлична физичка форма, но еден параолимпиец сака да докаже дека телесниот инвалидитет не треба да биде пречка за патување во вселената.
Британецот Џон Мекфол би можел да стане првата личност со телесен инвалидитет која ќе живее и работи во вселената, а тоа би можело да се оствари веќе во 2027 година.
Како што пренесува „Sky News“, на Мекфол, кому по сообраќајна несреќа му била ампутирана ногата, треба да му биде доверен лет до првата комерцијална вселенска станица во светот, „Haven-1“, која би требало да биде лансирана во 2027 година.
Американската компанија „Vast“, која стои зад „Haven-1“, соработува со вселенската агенција на Велика Британија со цел да обезбеди средства за реализација на проектот.

„Ако успееме да ја реализираме оваа мисија, тоа нема да биде само пресвртница за човечките вселенски летови, туку и ќе испрати силна порака за тоа што можат да постигнат лицата со инвалидитет и дека не треба да постојат ограничувања во она што можете да го остварите – на Земјата или во вселената“, истакна Мекфол.
Минатата година тој стана првата личност со телесен инвалидитет која доби медицински сертификат за долготрајни вселенски летови, а воедно е и дел од резервниот тим астронаути на Европската вселенска агенција.

Како дел од проектот „Fly!“ и член на резервниот состав на „ESA“, од 2023 година во Европскиот центар за астронаути во Германија учествува во програми за обука и истражување наменети за поддршка на идните човечки мисии во вселената. Таму вежба извршување задачи во микрогравитација за време на параболични летови во бестежинска состојба, преживување во изолирани средини и управување со лесен авион.
Мекфол е освојувач на бронзен медал на Параолимписките игри во Пекинг во 2008 година, а кога не настапува како спортист, работи како ортопедски хирург.
Идејата е за време на својата мисија да проучува како се однесуваат протезите во услови на микрогравитација, но и како луѓето се движат и се приспособуваат на условите во орбитата.

Ова би можело да им помогне на лекарите подобро да ги разберат проблемите со кои се соочуваат лицата со инвалидитет, како што се појавата на остеопороза и губење на мускулната маса – состојби кои често се јавуваат и кај луѓето што поминуваат подолг период во вселената.
Поради тоа, Мекфол се надева дека неговите заклучоци би можеле да придонесат за развој на полесни и поприлагодливи протези.







