Ветува даноци за богатите, поправеден свет и „право на тишина“: Зошто младите го обожаваат 74-годишниот француски левичар

Точка

02/06/2026

21:32

371

Големина на фонт

а а а

Сака да започне „граѓанска револуција“, да ја врати власта на народот, да ги оданочи богатите, да ја спаси планетата и да воведе „право на тишина“ за луѓето и животните — идеја според која и луѓето и животните имаат право на заштита од постојана бучава, агресивна урбана средина и индустриско звучно загадување.

Има 74 години и ја воодушевува генерацијата Зет. Тој е старомоден револуционер, наклонет кон латиноамерикански популисти, со милиони следбеници на ТикТок. Жан-Лик Меланшон досега трипати се обидел да ја освои претседателската функција. Но сега, кога неговите политички пораки одекнуваат од Њујорк до лондонски Хакни, овој жесток левичар верува дека конечно дошло неговото време, пишува „Економист“.


Францускиот политички центар се наоѓа во криза, а најголема корист од тоа извлекува популистичката десница. Но успешно расте и еден облик на радикален социјализам што ја спојува традиционалната класна борба со модерната критичка теорија на расата, а чиј главен претставник е партијата на Меланшон, Непокорена Франција (La France Insoumise – LFI).

На локалните избори во март партијата освои неколку градови со голема симболична важност. Меѓу нив се париското предградие Сен Дени, каде што победи Бали Багајоко, политичар со малиско потекло, како и Рубе, голем град во некогашната индустриска регија на северот на Франција.

Лево од левите

ЛФИ се наоѓа на политичкиот спектар уште полево од социјалистите, зелените и комунистите.

Нивната „граѓанска револуција“ треба да доведе до создавање „нова република“, која ќе има нов устав и во која овластувањата на претседателот ќе бидат помали — сè со цел да се стави крај на, како што тврдат, „монархиското“ владеење.

Меланшон ветува поправедна распределба на богатството „меѓу капиталот и трудот“. Франција потоа би го напуштила НАТО, би се обидела да постигне договор со Русија и доколку биде потребно, би ги прекршила правилата на Европската унија.


„За време на Студената војна бевме побезбедни отколку денес, кога капитализмот е насекаде“, изјавил неодамна во една телевизиска емисија.

Ниту една анкета за претседателските избори следната година — на кои Емануел Макрон повеќе не може да се кандидира — не покажува дека Меланшон би можел да победи. Доколку би се пласирал во вториот круг, веројатно би се соочил со кандидат на популистичката десница, Марин Ле Пен или Жордан Бардела, со што всушност би ги зголемил нивните шанси за победа.

Но, станува збор за вешт кампањец кој често им пркоси на предизборните анкети. Во 2022 година, по силен завршен подем, малку му недостасуваше да ја престигне Ле Пен и да влезе во вториот круг.


Што ја објаснува привлечноста на француската популистичка левица? Една од причините е трајната привлечност на марксистичката мисла во земја во која до 1970-тите левицата беше доминирана од Комунистичката партија. Друга причина е француската традиција на бунт. Револуционерната реторика на ЛФИ во одредени кругови наидува на плодна почва. На студентите им се допаѓа неговото ветување за „поинклузивен и антирасистички свет“, како што рекол еден студент во Париз, додека друг го нарекол „интелектуалец“, што во таа земја не е празна фраза, туку највисок облик на признание во париските левичарски интелектуални кругови.

Неговиот став за Газа и Палестина му донел голема поддршка меѓу студентите, дури и на „Sciences Po“, елитниот универзитет.

Младите го сакаат

Според истражување спроведено минатиот месец, дури 58 отсто од Французите на возраст од 18 до 24 години имаат позитивен став за Меланшон, додека меѓу граѓаните од 50 до 64 години тој удел изнесува само 14 отсто. Со идеолошка сигурност и јасен морален компас, седиот Меланшон успева да ја придобие загрижената помлада генерација, ветувајќи похумано општество, борба против расизмот и поправеден свет. „А што им нудат другите партии на младите?“, прашал неодамна на телевизија. „Да штедат и да ги кратат јавните услуги“, додал тој.


Пред сè, Меланшон, некогашен троцкист е исклучително вешт политички тактичар. Комунистите одамна ги изгубија работничките гласачи во корист на Ле Пен, додека социјалистите денес главно ги поддржуваат вработени во јавниот сектор и пообразовани гласачи наклонети кон интелектуални професии. Меланшон систематски изградил гласачка база што ги поврзува образованите млади луѓе, етничките малцинства и жителите на социјални станови. Ное Фридман и Франсоа Краус од агенцијата за истражување на јавното мислење „Ifop“ овој спој го нарекуваат „магичната формула“ на Меланшон.


Во Сен Дени, на пример, 43 отсто од жителите живеат во социјални станови, а доселениците сочинуваат 38 отсто од населението. Според друго истражување на „Ifop“, дури 69 отсто од муслиманските гласачи го поддржале Меланшон во првиот круг од претседателските избори во 2022 година. Лидерот на ЛФИ ги презел мотивите и пораките што ги користи крајната десница за ширење страв и ги претворил во сопствени политички слогани. Роден во Мароко, често истакнува дека му е „срам“ што не зборува арапски јазик и се залага за „креолизација“ на француското општество, односно за негово културно и етничко мешање.

Сепак, привлечноста на Меланшон има јасни граници; пред сè поради неговиот доминантен карактер и занемарувањето на одредени демократски норми. Анкетите покажуваат дека има многу висока стапка на негативни оценки меѓу гласачите. Неговата партија се поврзува со насилни антифашистички движења, а чести се и обвинувањата за антисемитизам.


Рафаел Глуксман, лидер на левиот центар, неодамна го обвинил Меланшон дека „се служи со најлошите кодови на крајната десница“, откако го исмеал изговорот на неговото презиме. Сојузот со другите левичарски партии, склучен во 2024 година, во меѓувреме се распаднал. Во приватни разговори Меланшон е многу остар кон социјалистите, кои ги смета за отуѓена „каста“.

Врски со Венецуела

Обликот на левичарски популизам на Меланшон во голема мера се потпира на неговите долгогодишни врски со Венецуела, Еквадор и Шпанија.

Но истовремено наоѓа поддршка и меѓу политичари надвор од неговиот природен политички круг, вклучувајќи го демократскиот социјалист Зохран Мамдани во Њујорк и британските Зелени, кои ги претставува Зак Полански.


Малкумина политичари на левицата можат да се мерат со неговата долговечност. „Тој е најтрамповската политичка фигура во Франција“, нагласил Филип Марлиер, политиколог од Универзитетскиот колеџ во Лондон. „Помина низ безброј скандали и политички неуспеси, а сè уште е тука“, заклучил тој.