Микел Артета успеа да му ја донесе толку посакуваната шампионска титула на Арсенал, со „топчиите“ стигна и до финалето на Лигата на шампионите, референци поради кои раководството ги има ставено преговорите за неговиот нов договор како приоритет во текот на ова лето.
Шпанскиот стручњак има договор до крајот на следната сезона и Арсенал не ни помислува да го испушти така лесно, па преговара со агентите на Артета околу продолжување на соработката.
Јасно е дека Артета ќе добие уште подобри финансиски услови, иако и со досегашните бројки важеше за еден од најплатените тренери во светот.
Артета добива 10 милиони фунти по сезона и плус 5 милиони фунти како бонус за пласман во Лигата на шампионите, па со најавеното покачување ќе стане и најплатен тренер во Англија, имајќи предвид дека досегашниот лидер Пеп Гвардиола замина од Манчестер Сити.
Се очекува преговорите да не траат долго, а по официјализирањето на новиот договор, клубот да се фокусира на засилувањата и подготовките за новата сезона.







