Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека во јуни ќе се изврши реконструкција на Владата и додаде дека ќе се разговара со коалиционите партнери. Оставката на вицепремиерот Арбен Фетаи ќе биде архивирана утре, а јавноста ќе биде дополнително информирана.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за оставката на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, потенцира, дека истата ќе биде архивирана утре, и потсети дека во јуни ќе има реконструкција на Владата.
„Jас неколку пати во минатото зборував дека ние разговаравме. Господинот Фетаи поднесе оставка денеска, таа ќе биде архивирана утре. Така што, како што знаете, во јуни нè очекува реконструкција на Владата, и ќе видиме ќе разговараме со нашите коалициони партнери во рамките на Владата“, кажа Мицкоски.
Тој наведе дека Фетаи во оставката се заблагодарува за работата со него како премиер, како и со останатите колеги во рамките на Владата.
На прашањето кога ќе биде реконструкцијата на Владата премиерот кусо одговори дека јавноста во соодветно време ќе биде информирана за сите детали околу реконструкцијата.







