Претседателите на парламентите на Северна Македонија и Танзанија одржаа прва билатерална средба со фокус на унапредување на парламентарната и економската соработка, како и поддршка за меѓународните конференции насочени кон промоција на мир и одржлив развој.
Прва билатерална средба на претседатели на парламентите на Македонија и Танзанија
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши оствари средба со претседателот на Парламентот на Обединетата Република Танзанија, Муса Азан Зунгу, кој учествува на Пленарната сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир, која се одржува во Собранието, со наслов „Унапредување на толеранцијата и мирот: стратешката улога на парламентите во обликувањето и донесувањето политики за иднината.

Изразувајќи задоволство од реализацијата на оваа прва билатерална средба, двајцата соговорници изразија подготвеност за започнување на парламентарна соработка преку воспоставување на групи за пријателство во законодавните дома на двете држави, која би можела да ја отвори вратата и да придонесе и за економска соработка со Танзанија, имајќи предвид дека Африка е пазар во развој.

Двајцата претседатели се осврнаа и на претстојната конференција на Интерпарламентарната унија која е предвидено да се одржи во октомври 2026 во Аруша, Танзанија како значајна можност за промоција на државата како фактор на стабилност во Источна Африка, а истовремено би ја зајакнала меѓународната соработка преку зближување на парламентарците од целиот свет да поттикнување дијалог, споделување на најдобри практики и градење партнерства за глобалните предизвици како што се одржливиот развој, мирот и демократското управување.











