Јапонскиот министер за одбрана, Шинџиро Коизуми, ги отфрли кинеските обвинувања за „нов милитаризам“ и ја критикува кинеската воена експанзија, додека Јапонија продолжува да го зголемува својот одбранбен буџет и воени капацитети под водство на премиерката Такаичи.
Јапонскиот министер за одбрана, Шинџиро Коизуми, најостро досега ги отфрли тврдењата на Пекинг дека неговата земја се впушта во „нов милитаризам“, возвраќајќи со жестоки критики за кинеската воена експанзија и недостигот на транспарентност.
Говорејќи на последниот ден од безбедносниот самит „Шангри-ла дијалог“ во Сингапур, Коизуми истакна дека токму Кина и нејзиниот „огромен арсенал“ на оружје претставуваат сериозна загриженост за меѓународната заедница, пренесува Би-Би-Си (BBC). Ваквата реторика уследи по претходното предупредување од кинеското Министерство за одбрана, од каде што порачаа дека „сивиот носорог“ на ремилитаризираниот Јапонија јури сè побрзо и повикаа на глобално обединување против јапонскиот неомилитаризам.
Коизуми: Немаме стратешки бомбардери, како сме ние милитаристи?
Јапонскиот министер за одбрана потенцираше дека е сосема природно секоја земја да ја модернизира својата одбрана за да одговори на современите предизвици и да придонесе за мирот во регионот. Тој вети дека Јапонија ќе продолжи да дејствува со висок степен на транспарентност, но јасно го впери прстот кон Пекинг.

„Постои земја која има огромен арсенал на нуклеарно оружје и стратешки бомбардери. Јапонија нема ништо од тоа. Па сепак, Јапонија се етикетира како ‘нов милитаризам’. Нели е тоа чудно?“, запраша Коизуми.
По неговиот говор, претставник на кинеската војска јавно го покрена прашањето дали Јапонија ќе им се извини на Кина, Јужна Кореја и на жртвите од Втората светска војна во Југоисточна Азија. Коизуми го избегна директниот одговор, повторно потенцирајќи дека Кина рапидно ги зголемува воените трошоци и капацитети без доволна транспарентност. Тој додаде дека „вратите на Јапонија се секогаш отворени“ за дијалог.
Радикално зајакнување на одбраната под палката на премиерката Такаичи
Јапонија во континуитет го зголемува својот одбранбен буџет, кој бележи рекорден раст веќе 12 години по ред. Последниот буџет, одобрен во декември, изнесува повеќе од 9 трилиони јени (57 милијарди долари), со што земјата брзо се приближува до зацртаната цел за трошење на 2% од БДП за војската.
Премиерката Санае Такаичи, која ја презеде функцијата во октомври 2025 година, презеде радикални чекори за зајакнување на воената моќ:

Нови технологии: Инвестиции во нови проектили земја-брод и беспилотни летала на копно и под вода.
Извоз на оружје: Ублажување на регулативите со што се овозможи продажба на смртоносно оружје на други земји, со цел развој на домашната воена индустрија.
Уставни измени: Најавено е ревидирање на клучните безбедносни документи до крајот на оваа година, а Такаичи силно се залага и за промена на членот 9 од јапонскиот Устав – пацифистичката клаузула со која земјата трајно се откажа од војна.
Тајван како точка на вриење и длабоки поделби во јапонското општество
Тензиите меѓу двете азиски суперсили ескалираа во ноември минатата година, кога Пекинг бурно реагираше на сугестијата на премиерката Такаичи дека Јапонија би можела да одговори со сопствени воени сили доколку Кина го нападне Тајван.
Ваквите воени реформи предизвикаа сериозен јаз во самото јапонско општество. Додека еден дел од јавноста ги поддржува реформите поради реалните закани од Кина, другиот дел стравува дека тоа ќе доведе до опасна ескалација во регионот. Во земјата веќе се води жестока дебата за тоа дали Јапонија дефинитивно го напушта својот повоен пацифизам, кој со децении беше клучен дел од националниот идентитет. Како резултат на тоа, во изминатите месеци низ Јапонија беа организирани некои од најмасовните антивоени протести во последните неколку децении.















