Лажни декларации во маркетите: Наместо млечни масти во сирењето ставале палмино масло, АХВ изрече казни

Макфакс

31/05/2026

12:00

551

Големина на фонт

а а а

Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе вонредни контроли во маркетите каде откри дека кај некои млечни производи има лажни декларации за содржината на млечни масти и дека палмино масло било користено како замена, по што изрече и парични казни на операторите.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откри сериозни манипулации и измами на потрошувачите при спроведување на вонредни инспекциски контроли во поголемите синџири маркети во земјава. Официјалните ветеринари земаа вкупно 91 мостра од млеко, млечни производи и сувомесни производи, од домашно производство и од увоз, со цел да се утврди дали нивниот реален квалитет соодветствува со она што е напишано на декларациите.

Засега се комплетирани лабораториските резултати за млечните производи, додека за сувомеснатите производи се чекаат финалните анализи за кои јавноста дополнително ќе биде информирана.

Декларирале 20% млечна маст, во сирењето имало само 1%

Од вкупно 45 анализирани мостри од млеко и млечни производи, кај дури 10 оператори со храна е констатирано дека производите не одговараат на Правилникот за квалитет на земјоделските производи. Кај нив е утврден значително помал процент на млечни масти од она што било официјално декларирано.


Најдрастичен е примерот кај еден оператор каде што при тестирање на мостра од одземени 22 килограми ситно сирење, лабораторијата открила неверојатна разлика – на пакувањето пишувало дека производот содржи 20 проценти млечна маст, а реално содржел само 1 процент. За оваа измама, на операторот му е изречена парична казна во износ од 3.500 евра во денарска противвредност.

Уништени 500 килограми млечен производ со палмино масло

Инспекторите на АХВ затекнале и оператор кој во производството на млечни производи бесправно користел растителни (палмини) масти.

„Кај овој оператор со храна, со тестирањата е констатирано користење на растителни масти во млечен производ, за што му е изречена парична казна од 1.300 евра во денарска противвредност. Спорниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми е целосно повлечен од промет и нештетно уништен на депонија“, се наведува во соопштението на АХВ.

Казнети уште осум производители и увозници

Поради измама на потрошувачите со прикажување лажни проценти на млечна маст, АХВ казни уште осум други оператори со храна. Овие производители и увозници ќе мора да платат парични казни во износ од по 1.050 евра во денарска противвредност за утврдените отстапки во нивните производи.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавуваат дека нема да застанат тука и дека засилените инспекциски контроли кај оваа категорија оператори со храна ќе продолжат со исто темпо и во наредниот период, сè со цел заштита на здравјето и интересите на граѓаните.