Валверде за конфликтот со Чуамени: Верувам дека ова ќе ми помогне да бидам подобар капитен

Точка

27/05/2026

20:19

264

Големина на фонт

а а а

Ѕвездата на Реал Мадрид, Федерико Валверде, се осврна на инцидентот на тренингот со соиграчот Орелиен Чуамени, признавајќи дека физичкиот конфликт бил тешка, но и поучна лекција. Уругвајскиот играч за врска, кој моментално се подготвува за Светското првенство 2026, воедно им се заблагодари на навивачите на Бернабеу за безрезервната поддршка што му ја дале во текот на целиот случај.

Валверде проговори за турбулентниот период во тренинг-кампот на „Реал“ во Валдебебас по физичката пресметка со Чуамени. Инцидентот, кој одекна во светските медиуми, кулминирал така што Уругваецот во жарот на расправијата удрил со глава во маса, при што заработил расекотина на главата и му била потребна лекарска помош.

Верува дека ова ќе му биде лекција

По пристигнувањето на собирот на репрезентацијата на Уругвај, Валверде во разговор со медиумите звучеше оптимистички.

„Се чувствувам одлично. Ја имав поддршката и љубовта од сите навивачи на Реал Мадрид, како и од самиот клуб. Понекогаш во фудбалот и животот мора да поминете низ вакви помали препреки за да научите да растете и созревате“, изјави тој.


Иако Валверде се обиде да ги смири тензиите, инцидентот имал и сериозни интерни последици. Раководството на Реал Мадрид го сметало конфликтот за тешко нарушување на професионализмот и започнало дисциплинска постапка против двајцата играчи. Секој бил казнет со по 500.000 евра, но на крајот не им биле изречени суспензии.

27-годишниот фудбалер верува дека ова искуство долгорочно ќе му користи.

„Верувам дека ова искуство ќе ми помогне во годините што доаѓаат да бидам подобар капитен“, истакна Валверде.

Тој претходно веќе се извини за инцидентот, кој се случил во сезона без трофеи за „Кралскиот клуб“, нагласувајќи дека „натпреварувачкиот замор и фрустрацијата“ придонеле за ескалацијата на конфликтот.


Соништа за Светското првенство

Сега е целосно фокусиран на обврските со репрезентацијата под водство на Марсело Биелса и настапот на Уругвај на Светското првенство 2026. Како еден од клучните играчи, Валверде има големи амбиции.

„Секогаш ме возбудува помислата на подигнување трофеј. Тоа е она што најмногу го посакувате, за што сте сонувале како дете: да играте за репрезентацијата и да го подигнете пехарот од Светското првенство“, рече тој.

Играчот од средниот ред ја нагласи важноста од повторување на успехот и духот на уругвајската селекција која во 2010 година стигна до полуфиналето.

„Пораснавме со таа слика и би сакале да го повториме тоа, да го направиме Уругвај горд“, додаде Валверде.