Почетник во теретана 30 дена користел креатин за да покаже што навистина му прави на телото

Точка

27/05/2026

17:44

1.191

Големина на фонт

а а а

Креатинот често се нарекува најистражуваниот суплемент во светот и е неизоставен додаток во исхраната за многумина кои сакаат да ги подобрат своите резултати во теретана. Фитнес ентузијастите и инфлуенсерите постојано го фалат, но почетниците често не се сигурни што навистина можат да очекуваат.

За да ги документира реалните ефекти од креатинот кај почетник, фитнес-креаторот Џереми Етиер спровел експеримент со својот пријател Раза, кого го опишал како просечно момче. Раза се согласил да биде човечко „заморче“ и секој ден да зема креатин во текот на 30 дена за да се забележат сите промени.

Колку креатин треба да се зема?

Според препораките на Универзитетот „Harvard“, дневната доза на креатин изнесува од три до пет грама. Сепак, некои се одлучуваат за таканаречена „фаза на полнење“, во која внесуваат и до 20 грама дневно за побрзо заситување на мускулите и побрзо чувствување на придобивките.

„Кога штотуку ќе почнете да земате креатин, нема веднаш да почувствувате никакви придобивки додека не достигнете ’целосна заситеност‘. Тоа е моментот кога резервите на креатин во вашите мускули се целосно пополнети“, објаснил Џереми.

Со земање една мерка од 5 грама дневно, потребни се околу три недели за да почнат да се забележуваат резултатите, поради што некои прибегнуваат кон поголеми дози за да го забрзаат процесот.

Непријатни несакани ефекти на почетокот

Сепак, фазата на полнење не е за секого. Џереми истакнува дека луѓето често чувствуваат желудочни проблеми кога за само неколку дена ќе преминат од нула на 20 грама креатин. Други потенцијални несакани ефекти вклучуваат дијареја и мачнина.

Тоа го искусил и Раза, кој забележал дека функцијата на цревата „целосно му се нарушила“ во првите неколку дена, претворајќи му го животот во „апсолутен пекол“.

„Имав ужасни болки во стомакот“, објаснил Раза, додавајќи дека имал и подуеност на лицето. Се присетил и на вечера со свршеницата која завршила со казна за брзо возење на патот кон дома, откако ѝ рекол: „Ако не стигнам дома во следните 20 минути, ќе се посрамам.“

За среќа, тимот успеал да го приспособи распоредот за земање креатин кај Раза. Му ги распределиле дозите во текот на денот и му препорачале да ги зема со вода, како и да избегнува кофеин и прашоци за пред тренинг, бидејќи тие можат да го зголемат ризикот од желудочни проблеми.

По завршувањето на фазата на полнење, Раза по првата недела можел да ја намали дозата на 5 грама.

Зголемувањето на тежината е уште еден несакан ефект од земањето креатин, бидејќи суплементот предизвикува задржување вода во мускулите. Во просек, корисниците забележуваат покачување на тежината од неколку килограми, што е доказ дека суплементот делува.

Резултати по 30 дена

За Раза, почетната непријатност се исплатела, бидејќи во текот на 30 дена успеал значително да напредува во теретана. Тоа е во согласност со истражувањата за креатинот, кои сугерираат дека при користење на суплементот може да се очекува просечно зголемување на силата од околу 30 проценти.

Кога станува збор за неговото тело, промените биле видливи. Обемот на бицепсот му се зголемил за 2 сантиметри, додека рамената му пораснале за 5 сантиметри.

Во меѓувреме, не забележал никакви промени на косата, со што го демантирал честото верување дека креатинот предизвикува губење коса. Неговиот фризер исто така не забележал „никаква видлива промена“.

Сепак, Раза нагласил дека суплементот не е магично решение.

„Креатинот не е магична таблета. И понатаму морав да внимавам на исхраната и напорно да тренирам, но како почетник ми го даде тој мал дополнителен поттик. Дефинитивно ќе продолжам да го земам“, изјавил тој.

Џереми додал: „Беше изненадувачки да се види дека рацете и рамената му пораснаа толку многу за само 30 дена.“