Морничави фотографии од најлошиот затвор на светот, од кои човек се препотува: Еве како изгледа средба лице в лице со масовен убиец

Точка

21/05/2026

20:57

1.017

Големина на фонт

а а а

Британскиот водител Ричард Медли добил ретка можност да влезе во еден од најстрашните затвори во светот, озлогласениот „Секот“ (CECOT) во Салвадор, каде што илјадници затвореници живеат под режим што многумина го нарекуваат пекол на Земјата.

Станува збор за огромен затворски комплекс наменет за членови на банди и најопасни криминалци, а сцените што ги затекнал таму ги опиша како нешто што човек не може да го заборави.

Медли го посетил Центарот за притворање терористи, попознат како„ Секот“, кој се наоѓа во градот Теколука. Затворот станал симбол на бруталната кампања на претседателот на Салвадор, Најиб Букеле, против криминалните банди, но и дел од пошироката соработка со Соединетите Американски Држави во рамки на депортацијата на криминалци за време на администрацијата на Доналд Трамп.

Водителот на емисијата „Гуд Морнинг Бритејн“ добил пристап до затворот за потребите на документарецот „Inside the World’s Mega Prison“, кој ќе биде емитуван на „Channel 5“.


„Ништо, апсолутно ништо, не може да ве подготви за глетката на 3.000 избричени мажи натискани зад решетки од подот до таванот. Нема врати. Нема приватност. Само редови метални кревети наредени на четири нивоа во височина и илјадници погледи што зјапаат низ решетките“, изјавил Медли.

Затворениците носат само боксерки, главите им се избричени, а светлата во затворот никогаш не се гасат. Нема семејни посети, нема библиотеки, работилници, образование ниту програми за рехабилитација. Во ќелиите поминуваат 23 и пол часа дневно, додека преостанатите 30 минути им се наменети за кратка и строго чувана физичка активност.

„Буквално немаат што да прават. Нема книги, весници, телевизори ниту каква било забава. Само седат на креветите ден по ден. Светлата се вклучени 24 часа дневно. Сите ќе умрат во овој затвор. Тоа е жива смрт“, опишал водителот.


За време на посетата му била прикажана и брутална снимка што членовите на бандите претходно ја објавиле на интернет со цел да го заплашат населението. На снимката биле прикажани масовни егзекуции на работници со мачети.

Медли разговарал и со чуварите кои управуваат со затворот, но признава дека односот со властите уште од почетокот бил напнат. Вели дека неговите прашања за условите во затворот за малку ќе довеле до тоа екипата да биде исфрлена уште првиот ден од снимањето.

„Морав да ги убедам дека доаѓаме со отворен ум и без скриена агенда. Колку повеќе време поминував во Салвадор и слушав што им правеле тие луѓе на обичните граѓани, толку повеќе ми се менуваше мислењето. Без сомнение, меѓу нив има садистички и психопатски убијци и силувачи“, изјавил тој.

Водителот посетил и градски населби кои некогаш биле под контрола на банди. Тврди дека речиси не сретнал ниту еден човек кој не бил среќен што криминалците конечно се зад решетки.


Според неговите зборови, околу 80 отсто од бандите кои некогаш го контролирале Салвадор сега се наоѓаат во „Секот“ или избегале од земјата, главно во Мексико и Венецуела. Сепак, одредени остатоци од криминалните групи и понатаму постојат.

„Денес не е ни приближно опасно како порано, но и понатаму мора да внимавате. Ѕидовите полни со дупки од куршуми, местата каде што луѓето некогаш секојдневно биле стрелани, се доволен потсетник дека претпазливоста никогаш не смее да исчезне“, рекол Медли.

Иако признава дека затворот сериозно навлегува во човековите права, водителот смета дека прашањето е многу покомплицирано.


„Вистинското прашање е дали Салвадор воопшто имал друга опција ако сакал повторно да воспостави контрола над државата по децении терор“, изјавил тој.

„Секот“ е изграден на површина од 57 хектари и може да прими дури 40.000 затвореници. Во моментов се проценува дека во него престојуваат околу 15.000 луѓе, главно припадници на спротивставени банди, но и осудени убијци и силувачи. Затворот се состои од осум огромни павилјони, а во секоја ќелија има меѓу 65 и 70 затвореници.

Ниту еден затвореник нема право на посети ниту на програми за подготовка за враќање во општеството. Не постојат работилници ниту образовни содржини. Повеќето никогаш не излегуваат надвор. Единствен исклучок се повремените мотивациски предавања или организирани вежби под строг надзор на чуварите.


Интересно е што содржини како теретана, кантина и простории за одмор постојат само за вработените во затворот, а не и за затворениците.

Салвадор до неодамна имаше една од највисоките стапки на убиства во светот, со дури 106 убиства на 100.000 жители. Земјата со години беше разорувана од банди поврзани со изнуди, киднапирања, трговија со луѓе и дрога. По доаѓањето на Букеле на власт во 2019 година, започна голема безбедносна акција за време на која десетици илјади осомничени беа уапсени. Властите тврдат дека стапката на убиства оттогаш е драстично намалена.


Таквиот пристап привлече внимание и на Доналд Трамп, чија администрација склучи договор со Салвадор за прифаќање депортирани странски криминалци. Официјалните податоци покажуваат дека бројот на депортирани Салвадорци од САД речиси се удвоил на почетокот на 2026 година.

Владата на Салвадор тврди дека насилството на бандите е одговорно за дури 200.000 смртни случаи во последните три децении, додека се проценува дека денес околу два отсто од вкупното население на земјата се наоѓа зад решетки.