Герасимовски: Од Ристиќева палата до ретро игранка, Центар вечерва го оживува старото скопско корзо

Макфакс

21/05/2026

09:20

1.113

Големина на фонт

а а а

Општина Центар организира настан „Носталгија за корзо“ со симболична прошетка низ старото скопско корзо и ретро игранка во ООУ „Димитар Миладинов“ со цел да се оживеат убавите спомени од минатото на Скопје.

Општина Центар во соработка со Здружението на пензионери на општина Центар вечерва, со почеток од 19:00 часот, го организира настанот „Носталгија за корзо – сеќавање на едно убаво време“.

Настанот ќе започне од Плоштадот „Македонија“ со симболична прошетка низ старото скопско корзо, а потоа продолжува во салата на ООУ „Димитар Миладинов“ каде ќе се одржи свечена игранка.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати покана до сограѓаните да дојдат на настанот и да го почувствуваат шармот на некогашните променади низ центарот на Скопје.

„Ќе прошетаме покрај Ристиќева палата, поранешниот хотел „Македонија“, „Кенан“, „Ванила“ и „Громби“ – местата каде што се создаваа најубавите спомени. Ќе се потсетиме на златните скопски времиња, кога корзото беше центар на светот, место каде што се раѓаа првите симпатии и љубови, а еден поглед значеше повеќе од илјада пораки на мобилен телефон“, порача Герасимовски.

И Активот на жени пензионери на Општина Центар упати покана до пензионерите и од другите општини да се приклучат на ова ретро дружење.

„Ова е прекрасна можност повторно да се сретнеме, да прошетаме по некогашното корзо и да ги разбудиме спомените од младоста. Дружењето ќе продолжи во свечената сала на ООУ „Димитар Миладинов“ (поранешно „Браќа Рибар“), со игранка и евергрини со диџеј, кои ќе нè вратат во едно поинакво Скопје и ќе ги разбудат емоциите што сè уште живеат во сите нас“, порачуваат пензионерите од Центар.