Неодамна на Фејсбук групата „Општина Аеродром - пријави проблем“ беше објавено видео, снимено околу 9 часот наутро, од стан во една од зградите во близина на улицата посветена на Тоше Проески.
Во снимката јасно се слуша песната „Aria“, а жената која го споделила видеото тврди дека прегласната музика претставува сериозен проблем за жителите од околните згради бидејќи песните на Тоше се пуштаат гласно по 12 часа на ден, секој ден во годината, па жителите веќе немаат мир и тишина во своите домови.
Објавата предизвика поделени реакции на социјалните мрежи. Дел од корисниците сметаат дека жителката е во право и дека проблемот треба да се реши, додека други ја критикуваат и ѝ оставаат навредливи коментари, тврдејќи дека не е во право.
Во објавата таа наведува:
„Сакам јавно да пријавам проблем кој очигледно не се сфаќа сериозно.
Да не заборавите да го пуштите звукот на видеото. На Детска Улица дефинитивно не забораваат да го пуштат.

Ова е снимено денес – недела, во 9 часот наутро. Некој можеби ќе рече: „Па убаво е да има музика“. Да, можеби е убаво за минувач што ќе помине 5 минути. Но за луѓе кои живеат тука, ова не е амбиент — ова е секојдневна тортура.
Цела вертикала од зграда со 12 спрата секојдневно е изложена на иста музика што свири со часови, по 12 часа на ден, на секои неколку часа повторно и повторно. 365 дена во годината.
Пријавивме. Беше извршен и вонреден надзор. Добивме одговор дека „нема проблем“ и дека „сè е во ред“.
Да, ја исклучивте музиката навечер за да не ечи маалото до 4 сабајле, но дали навистина сметате дека ова е нормална и хумана средина за живеење?
Искрено прашувам: Дали вие би живееле вака? Дали би прифатиле по 12 часа дневно да слушате иста музика под прозор секој ден?
Ова не е прашање на вкус. Ова е прашање на квалитет на живот, мир и почит кон жителите. Ве молам уште еднаш реално да ја преиспитате ситуацијата и да реагирате соодветно“.
Видеото можете да го погледнете на следниот ЛИНК.











