Жена мислела дека разговара и ќе се мажи со синот на Трамп, му испратила и пари

Макфакс

20/05/2026

15:00

372

Големина на фонт

а а а

Жена убедена дека е во врска со Барон Трамп, син на Доналд Трамп, била измамена преку социјалните мрежи и испратила големи суми пари, верувајќи во ветувања за заедничка иднина и наследство. Приказната е предупредување за софистицираните измами што таргетираат постари лица.

Педесет и тригодишна жена била убедена дека е во врска со Барон Трамп, синот на Доналд Трамп, откако на социјалните мрежи ја контактирало лице кое се претставило како него. Измамникот веќе успеал да ја убеди да му испрати големи суми пари, ветувајќи ѝ заедничка иднина и дел од наследството.

Приказната допре до јавноста преку објава на форумот Редит, каде што корисник под прекарот Awkward_Steak_2512 побарал правен совет. Корисникот, кој тврди дека доаѓа од Њујорк, објаснил дека нивната мајка неодамна им открила дека се гледа со некого. Бидејќи немала врска повеќе од 20 години, веста предизвикала љубопитност кај семејството.

На нивно изненадување, мајката рекла дека е во врска со Барон Трамп, кој наводно лично ја контактирал. Пред нејзиното дете да успее да изрази сомнеж, мајката нагласила дека „знае за измамниците на социјалните мрежи“, но дека во овој случај станува збор за „проверен“ профил со фотографии.

Кога загрижениот член на семејството ја прашал дали „Барон“ некогаш ѝ побарал пари, таа на почетокот избегнувала конкретен одговор. Наместо тоа, се пофалила дека тој ѝ ветил оти ќе ја вклучи во својот тестамент.

„Почна да зборува како ќе се збогатиме кога ќе се венчаат, а кога ја притиснав, призна дека ѝ побарал ‘само’ 75.000 долари (околу 64.000 евра) на заем, бидејќи сите пари наводно му биле врзани во акции“, напишал авторот на објавата.

Тој го додал и објаснувањето на мајката: „Рекол дека ќе ѝ ги врати парите со камата за неколку недели и дека горе-долу во истото време и лично ќе се запознаат“.

Според објавата, жената веќе уплатила околу 13.000 долари на сметка во биткоини и се подготвувала да испрати уште пари.

Авторот на објавата тврди дека неговата мајка нема дијагноза за деменција ниту други когнитивни нарушувања, туку дека е едноставно личност која имала лоши искуства во љубовта и отсекогаш мечтаела „да го пронајде вистинскиот“.

Објавата брзо стана вирална, собирајќи повеќе од 4.000 гласови и бројни коментари. Многумина истакнаа дека, иако приказната звучи бизарно, постарите лица често стануваат мета на софистицирани интернет-измамници.

„Мајка ми наседна на слична измама, иако инаку е снаодлива и паметна жена… Измамниците станаа многу софистицирани и таргетираат најсилни човечки емоции“, го споделил еден корисник сопствено искуство.

Друг додал: „Луѓето кои ќе бидат измамени често не сакаат да прифатат дека некој ги искористува и силно негираат сè“.

Некои коментатори изразија сомнеж во когнитивното здравје на жената, особено поради големата разлика во годините. „Барон Трамп има, колку, 19 години? Внимателно би рекол дека е можно вашата мајка да развила когнитивни проблеми ако мисли дека ова е нормално“, напишал еден коментатор.

„Тоа е една од работите што мојата мајка почна да ги прави кога доби фронтотемпорална деменција. Да можам да се вратам во минатото, би ја наговорил да седне во автомобил под изговор дека ‘одиме на сладолед’ и би ја однел на магнетна резонанца на мозокот. Сериозен сум, ова е многу загрижувачки. Ве молам, однесете ја на преглед“, советувал друг корисник.