Целосна негрижа и запоставени спортски игралишта, до толку ли Аеродром нема пари, прашуваат од СДСМ

Макфакс

20/05/2026

11:00

146

Големина на фонт

а а а

Од општина која некогаш беше пример за спорт и развој на младите, Аеродром денес се соочува со сериозна негрижа и запоставување на спортските игралишта, што е предмет на јавна критика од страна на СДСМ.

„Од општина која некогаш беше пример за спортот и здравиот развој на младите, Аеродром денес е пример за негрижа и целосно запоставување на условите за спортување во општината. Негрижата на градоначалниците од ВМРО-ОКГ во Аеродром, која трае веќе со години, придонесе сликата денес за спортските игралишта да биде очајна“, кажа Маријан Јовановски од СДСМ.

„Кошеви без обрачи, голови без стативи, руинирани и неосветлени терени се само дел од катастрофалната состојба на спортските игралишта низ цела општина.

На спортскиот терен Драган Топчиевски Топче подолго време недостасуваат стаклените табли на кошевите. Слична е состојбата и на игралиштето на улицата Владимир Комаров каде што граѓаните се самоорганизираат да ги поправат кошевите, спортското игралиште до градинката Лале, како и спортското игралиште кај Јане Сандански број 100.

Дополнително загрижувачка е и состојбата со спортскиот центар Марко Божиновски во Ново Лисиче кој што е видливо запоставен по последната реконструкција. Јавно го прашуваме градоначалникот Дејан Митески, дали и кога општина Аеродром планира да започне реконструкција на спортските игралишта?

Дали финансиската состојба на општината е толку катастрофална што општината нема пари да замени и најобичен обрач за кош? Со ваквата негрижа на Општина Аеродром не постојат елементарни услови за промоција и развој на спортот особено меѓу младите.

На граѓаните во Аеродром им е доста од „вади-стави плочки“ сомнителни проектчиња. Време е општината да почне да работи на вистински и реални проекти од интерес на младите и сите љубители на спортот“, изјави Маријан Јовановски од СДСМ.