СДСМ: ВМРО организира граѓани на Македонија за митинг за поддршка на Вучиќ

Макфакс

20/05/2026

12:00

170

Големина на фонт

а а а

СДСМ обвинува дека ВМРО организира граѓани од Македонија за митинг во поддршка на српскиот претседател Вучиќ, што го смета за мешање во внатрешните работи на Македонија и укажува на влијание од српски и руски служби.

ВМРО организира граѓани на Македонија за митинг во поддршка на Вучиќ што претставува срамно мешање во внатрешните работи на друга држава, велат од СДСМ.

„Како што месеци наназад предупредувавме дека Вучиќ управува со Македонија, сега ВМРО директно организира граѓани на Македонија за контра-митинг во Белград во поддршка на Александар Вучиќ. На плакатот што го шират низ Македонија јасно се гледа: собирање и поаѓање на митингот пред српскиот конзулат во Куманово, со цел да се поддржи Вучиќ. Ова е срамно мешање во внатрешните работи на друга држава. Ова е токму она што Европскиот парламент го нарекува „српски свет“ – директно влијание и мешање на Србија во Македонија“, велат од СДСМ.

Според партијата, Македонија е под постојан притисок и влијание на српските и руските служби.

„Вицепремиерот Иван Стоилковиќ, најблискиот соработник на Мицкоски, учествува во ова организирање по договор со Милош Вучевиќ од пред неколку дена. Ова не е случајност. Ова е дел од истата мрежа: Орбан – Вучиќ – Мицкоски. Додека ВМРО се претставува како „промакедонска“ партија, со бугарски пасоши, нејзините функционери организираат граѓани на Македонија да одат да го поддржуваат Вучиќ и „српскиот свет“. Доста е со туѓите интереси на македонска почва. Граѓаните јасно гледаат: ВМРО не работи за Македонија – работи за туѓи центри на моќ. Реформи сега. Европа сега“, пишува во соопштението.