ВМРО-ДПМНЕ: Наместо осуда, Венко Филипче молчи и соработува со негаторите на Македонија

Макфакс

20/05/2026

09:40

166

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ ја критикува тишината на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по изјавата на бугарската министерка која го нарече македонскиот народ „северномакедонци“. Од партијата истакнуваат дека неговото молчење ја понижува Македонија и го негира националниот идентитет.

Две недели по изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова, која македонскиот народ го нарече „северномакедонци“, лидерот на СДСМ Венко Филипче продолжува да молчи, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата остро реагираат дека молкот на Филипче е „срам и директно понижување за македонскиот народ и државата“.

„Венко Филипче нема достоинствен став и не застанува во одбрана на националниот идентитет. Тој молчи пред навредите од Бугарија, прави лични калкулации и продолжува со политика на сервилност“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Филипче не се оградил ниту од навредливите ставови на членови на неговата партија. Особено го споменуваат членот на Извршниот одбор на СДСМ, Рубин Земон, кој јавно изјави дека Гоце Делчев е мит и дека „не направил ништо за Македонија“.

„Филипче води политика на понижување и отворање простор за нови уцени кон Македонија, само за да дојде на власт. Додека македонскиот народ очекува цврст државнички став и црвени линии за идентитетот, јазикот и историјата, Филипче тивко ги поддржува наративите кои ја негираат Македонија“, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека македонскиот идентитет, јазик и историја не се предмет на преговори и политички пазар.

„Секој политичар кој молчи пред навреди кон Македонија, директно ги охрабрува оние што сакаат да ја разнебитат државата и националното достоинство. Македонија заслужува политичари кои ќе ја бранат, а не да молчат пред нејзините негатори“, се заклучува во текстот.