Во реакција на соопштението на СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваат повеќегодишните политики на СДС кои, според нив, довеле до економска криза, висока инфлација и ниски плати во земјата, истакнувајќи дека СДС нема кредибилитет да зборува за економски прашања.
СДС повторно шири паника, манипулации и лажни катастрофични сценарија, истите оние кои 7 години ја уништуваа македонската економија, ја задолжија државата и ги оставија граѓаните со најниски плати и највисока инфлација, велат од ВМРО-ДПМНЕ, како реакцијта на соопштението на СДСМ.
„Затоа токму СДС нема кредибилитет да зборува за економија. За време на нивното владеење Македонија беше понижена, економски ослабена и заробена во криминал, тендери и неспособност. Да потсетиме дека поради криминалната коалиција на СДС и ДУИ предводена од Заев, Филипче и Ахмети, граѓаните живееја со 150 денари на ден, пензиите ги зголемуваа за мизерни 180 денари, платите растеа едвај 5%, додека инфлацијата дивееше со 14%. Народот осиромашуваше секој ден, а Македонија имаше едни од највисоките цени на горивата и најтешка економска криза. Срамно е СДС денес да зборува за Пошта, кога токму тие, пред официјално да заминат од власт, ги оставија вработените без плата со месеци. Парите предвидени за 12 месеци ги потрошија за само 6 месеци, оставајќи хаос, долгови и институции пред колапс. Тоа е вистинското наследство на СДС и ДУИ, празна државна каса, криминал, неспособност и уништени институции. Затоа денес СДС и ДУИ панично ја бранат обвинителската коалиција на Коларевиќ и Абази, затоа што знаат дека времето на заштита на криминалот завршува и дека јавноста конечно ја гледа вистината. Додека СДС шири лаги и страв, ВМРО-ДПМНЕ работи на економска стабилизација, нови инвестиции, раст на платите и пензиите и враќање на довербата кај граѓаните и бизнис секторот. Граѓаните веќе ја препознаваат разликата помеѓу одговорно, државничко работење и нивното време на лаги, корупција и економски дебакл. Македонија конечно се движи напред со одговорните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува во реакцијата.











