Во општина Центар се воведува нов систем за паркирање со цел поправедна распределба на ограничениот јавен простор, намалување на злоупотребите и подобрување на условите за жителите. Новиот систем предвидува издавање паркинг карти по станбена единица, воведување месечен надоместок за второ и трето возило и пошироки урбани цели за подобрување на квалитетот на животот и намалување на сообраќајниот метеж.
Во услови кога бројот на возила во општина Центар постојано расте, а јавниот простор останува ограничен, прашањето за фер распределба на паркинг местата станува едно од клучните урбани прашања за жителите. Токму затоа, со последните одлуки на Советот на општина Центар, се воспоставува нов систем на паркирање во кој јавниот простор ќе се користи порационално, а жителите полесно ќе можат да дојдат до паркинг место во близина на својот дом, односно таму каде што тоа е најпотребно, велат од ПОЦ.
Со новиот систем се очекува да се намалат злоупотребите, да се стимулира користењето на жителските гаражи и паркинг места и да се овозможи поефикасно користење на постојните капацитети. Особено во населби како Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и потесното централно подрачје, каде притисокот врз јавниот простор е најголем. Една од најважните промени е новиот начин на издавање на повластените паркинг карти. Наместо како досега – по жител, картите отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адреса, известува ПОЦ
Според ЈП ПОЦ, токму досегашниот модел создавал сериозен дисбаланс во користењето на јавниот простор. Во едно домаќинство со повеќе пријавени лица можело да се регистрираат и повеќе возила под повластени услови, за бесплатно паркирање или паркирање со минимален надоместок, што дополнително го оптоварувало и онака ограничениот паркинг капацитет.

„Паркинг просторот во Центар е ограничен ресурс. Не е реално, ниту фер, јавниот простор неограничено да се користи од едно домаќинство, додека други жители секојдневно се соочуваат со недостиг од слободни места. Дополнително, притисокот врз паркинг просторот постојано расте, бидејќи потребите за користење се сè поголеми, а расположливиот јавен простор останува ограничен. Затоа воведовме систем кој треба да обезбеди поправедна распределба на просторот, побалансирани услови за сите жители и одржливост на системот за паркирање“, велат од претпријатието.
Со новите правила, секое домаќинство ќе има право на бесплатно користење повластен паркинг за првото возило, додека за второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари, а за третото 1.500 денари.
Од ПОЦ објаснуваат дека ова не е мерка за ограничување, туку начин да се воведе баланс и одржливост во користењето на јавниот простор.
Новите правила имаат и поширока урбана цел – намалување на сообраќајниот метеж и поттикнување порационално користење на возилата.

„Кога јавниот простор се користи без јасни правила, добиваме нерамномерно користење, непрописно паркирање и дополнителен метеж. Со воведување пофер систем сакаме да создадеме пофункционален градски простор и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, додаваат од ПОЦ.
Паралелно со реформите, ЈП ПОЦ најавува дека средствата ќе бидат ставени во функција на инвестиции за обезбедување повеќе паркинг места, проширување и подобро искористување на постојните капацитети, како и за модернизација и дигитализација на услугите, унапредување на паркинг инфраструктурата и подобрување на контролата и наплатата.
Од претпријатието порачуваат дека крајната цел е создавање современ, функционален и долгорочно одржлив систем на управување со паркирањето, кој ќе овозможи повеќе ред, помал притисок врз јавниот простор и поквалитетно урбано живеење во Центар.















