Мадам Батерфлај во Националната опера и балет на 20 мај во рамките на 54. Мајски оперски вечери

Макфакс

18/05/2026

11:00

142

Големина на фонт

а а а

На 20 мај во Националната опера и балет ќе се изведе операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини во рамките на 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Операта пренесува моќна приказна за љубов, надеж и предавство, а настапуваат гости од Италија, Мексико и Грција, со детаљна музичка и сценска поддршка.

Во рамките на 54.издание на престижниот меѓународен фестивал „Мајски оперски вечери“ на 20 мај со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини – едно од најемотивните и најизведуваните дела на светскиот оперски репертоар. Станува збор за музичка драма со силна човечка приказна, во која љубовта, надежта и предавството се испреплетуваат во трагична судбина.

Диригент на претставата е гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, а режијата ја потпишува Александар Текелиев (Бугарија). Сценографијата е на Живојин Трајановиќ, костимографијата ја изработи Лира Грабул, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.

Во насловната улога – Чо Чо Сан (Мадам Батерфлај) настапува гостинката од Италија, Доната Д’Анунцио Ломбарди, во улогата на Пинкертон – Хектор Лопез (Мексико), а во улогата на Шарплес – Енрико Маручи (Италија). Во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Исмет Вејсели, Невен Силјановски, Јане Дунимаглоски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Марко Димовски, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамдан и Васко Здравков, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Мадам Батерфлај“ е опера за безусловната љубов и за кревката надеж што опстојува и покрај разочарувањето. Пучини во ова дело маестрално ги спојува западните музички традиции со ориентални мотиви, создавајќи партитура исполнета со лирска нежност и драматичен набој. Неговата посветеност на силна и трогателна приказна се чувствува во секоја музичка линија, правејќи ја оваа опера една од најемотивните во оперската литература.