Неочекуван „дипломатски инцидент“ избувна поради едно од најпрепознатливите јадења на грчката кујна — прочуената хоријатики, односно грчка салата.
Случајот што се одвива на социјалните мрежи уште еднаш покажа колку е чувствително прашањето за гастрономскиот идентитет на Балканот.
Повод за оваа расправа била видеоснимка што на Инстаграм ја објавила познатата гастро-инфлуенсерка Александра Николидаки, во која ја прикажува подготовката на автентичната грчка салата. Набргу потоа, истото видео го споделил турскиот амбасадор во Таџикистан, со коментар што ги „запали“ социјалните мрежи: „Турската салата е многу позната во Грција“.
Оваа изјава предизвика лавина реакции. Додека турските корисници во коментарите масовно ја поддржаа тезата дека јадењето ѝ припаѓа на нивната традиција, Грците застанаа во одбрана на својот национален специјалитет.
„Кујната треба да спојува, а не да разделува“
Во изјава за порталот „Newsbomb“, Николидаки смирено ја коментирала ситуацијата.
„Сè започна кога турскиот амбасадор во Таџикистан го сподели моето видео со подготовка на грчка салата и напиша дека турската салата е многу популарна во Грција“, објаснила таа, додавајќи дека ваквите ситуации не се реткост.
„Ако ги погледнете коментарите на моите канали, ќе видите многу слични пораки во кои се оспорува потеклото на јадењето“, истакнала таа.
Николидики смета дека ваквите реакции произлегуваат од длабоката емотивна поврзаност на луѓето со татковината.
„Тие коментари извираат од љубовта на корисниците кон својата земја. Потеклото на јадењата е чувствителна тема и тоа не само во грчко-турските односи. Сепак, сметам дека кујната треба да ги спојува народите, а не да ги разделува. Грчката салата е меѓународно призната како симбол на нашата кујна. Секако дека слични јадења постојат низ целиот Медитеран, па и во Турција, но секогаш со мали разлики што ги прават посебни“, додала инфлуенсерката.
Таа нагласила дека ваква „борба“ се води под речиси секое видео со популарни јадења и дека колку е јадењето попознато, толку повеќе има коментари за неговото потекло.














