Опасни сцени се забележани во Калиманешти, во Романија, каде што еден маж бил снимен како брка мечка со лопата, наоѓајќи се на само неколку метри од животното.
Жандармеријата предупредува дека ваквите постапки во секој момент можат да предизвикаат напад и апелира до граѓаните да не се обидуваат сами да бркаат диви животни, туку веднаш да повикаат итна помош на бројот 112.
Според информациите на Жандармеријата од Валча, мештаните се јавиле на 112 откако забележале мечка во близина на домаќинство, но не го почекале доаѓањето на интервентните екипи, туку опасно ѝ се приближиле на животното.
Целиот инцидент го снимил еден од сведоците.
На снимките направени со мобилен телефон се гледа како мажот ја брка мечката и се обидува да ја удри со лопата, иако животното се обидувало да се повлече од тоа подрачје.
„Иако мечката се обидуваше да избега и да се оддалечи, потерата можеше да предизвика напад. Мажот ѝ се приближи на само неколку метри. Во вакви ситуации, однесувањето на животното може да се промени за дел од секунда“, изјавил портпаролот на Жандармеријата на округот Валча, Ѓорѓе Такале.
Инцидентот завршил без жртви или материјална штета, но жандармите предупредуваат дека ваквите ситуации се исклучително опасни и препорачуваат населението да не постапува на ист начин.
„Ако забележите мечка во близина на куќа, држете растојание! Не приближувајте се, не обидувајте се да го удрите животното, тргнете се на безбедно место и веднаш повикајте 112. Во вакви ситуации, храброст не значи да ѝ се приближите на мечката. Храброст значи да донесете правилна одлука“, додал претставникот на жандармеријата.
Во последните денови властите во Валча примиле повеќе пријави за појава на мечки во близина на населени места.
Најсериозниот инцидент се случил минатата недела во општината Бојшоара, каде што мечка нападнала и усмртила теле на пасиште. Сопственикот на животното, кој се наоѓал во близина, поминал без повреди откако неговите кучиња успеале да ја избркаат мечката во шумата.











