„Како кардиолог прво ги гледам овие ваши резултати“: Две бројки се најважни во лабараториските наоди

Точка

12/05/2026

16:00

1.032

Големина на фонт

а а а

Д-р Бредли Сервер, кардиолог, открива кои резултати прво ги гледа во лабораториските анализи на пациентот.

Изгледа дека насекаде има застрашувачки вести за здравјето на срцето — на билборди, во вести за славни личности и политичари и во предупредувања од лекари. Можеби имате некоја друга состојба што го зголемува ризикот од срцеви заболувања или имате член од семејството или пријател кој закрепнува од срцев или мозочен удар. Покрај тоа, секоја година имаме статистики што покажуваат дека кардиоваскуларните заболувања и понатаму се водечка причина за смрт.

Кога станува збор за превенција на кардиоваскуларните заболувања, односно барем за намалување на ризикот, клучно е да се фокусирате на бројките. Некои се поврзани со животниот стил, како следење на внесот на заситени масти и зголемување на неделната физичка активност на 75 минути вежби со висок интензитет или 150 минути со умерен интензитет.

Другите бараат одење кај лекар или во лабораторија за анализи, што на многумина може да им биде непријатно. Сепак, еден кардиолог нагласува колку се важни.

„Редовните анализи на крвта се важни ако имате познат кардиоваскуларен проблем или земате лекови за холестерол“, вели д-р Бредли Сервер, кардиолог.

Тие исто така можат да ви помогнат да направите промени во начинот на живот што го поддржуваат здравјето на срцето. Кога ги гледа лабораториските наоди на пациентот, д-р Сервер прво проверува два броја. Подолу објаснува што се тие бројки, зошто се важни и како да ги подобрите резултатите.


Кога д-р Сервер ги прегледува наодите на пациентите, тој прво се фокусира на LDL холестеролот и триглицеридите. Тоа му помага да ги информира и охрабри пациентите да преземат чекори кон подобро здравје на срцето.

„Холестеролот е значаен променлив фактор на ризик за развој на коронарна срцева болест. Разбирањето на нивото на холестерол овозможува проценка на индивидуалниот ризик и олеснува рана интервенција, потенцијално спречувајќи или ублажувајќи идни компликации“, објаснува тој.

Коронарната срцева болест настанува кога во коронарните артерии, кои носат крв до срцето, ќе се наталожи плак. Тој плак може да ги стесни или затвори артериите и да го попречи тој витален проток на крв. Звучи загрижувачки, но нема да го знаете својот ризик додека не направите анализи и не разговарате со својот лекар за вредностите на LDL и триглицеридите.

„Најдобриот начин да го намалите холестеролот е прво да го знаете своето ниво и својата цел. Тоа се утврдува преку разговор со вашиот матичен лекар и разгледување на вашите индивидуални ризици“, вели д-р Сервер.

Потоа можете да разговарате за тоа колку често треба да давате крв за да ги следите LDL и триглицеридите.

„Времето и зачестеноста на тестирањето на нивото на холестерол зависат од вашиот ризик од компликации. Ако имате дијабетес, позната коронарна срцева болест или членови на семејството со многу покачени нивоа, познавањето на вашите вредности е од суштинско значење за да избегнете понатамошни компликации“, објаснува д-р Сервер.

Што треба да знаете за LDL холестеролот?

LDL холестеролот често се спомнува кога се зборува за здравјето на срцето, но што точно значи?

„LDL, односно липопротеин со ниска густина, обично се нарекува лош холестерол“, објаснува д-р Сервер и додава дека LDL холестеролот може да се таложи во внатрешниот слој на артериите.

„Со текот на времето, овие наслаги од холестерол се задебелуваат и се обвиткуваат со калциум. Тој процес се нарекува атеросклероза. Ако тоа се случи во коронарните артерии, може да доведе до болка во градите или да го зголеми ризикот од срцев удар“, вели кардиологот.

Тој објаснува дека ова наталожување може да се случи и во вратот или мозокот, со што се зголемува ризикот од мозочен удар, а ризиците од покачен LDL холестерол не завршуваат тука.

„Понекогаш тие наслаги од холестерол можат да пукнат во ѕидовите на артеријата. Телото веднаш реагира на тоа пукање со формирање крвно згрутчување. Тоа згутчување може многу брзо да го запре протокот на крв и така да предизвика срцев или мозочен удар“, објаснува тој.


Целното ниво зависи од вашиот ризик од срцеви проблеми, вклучително и коронарна болест. Д-р Сервер цели кон LDL под:

- 130 mg/dl за општата популација со низок ризик,
- 100 mg/dl за пациенти со среден ризик,
- 70 mg/dl за пациенти со висок ризик,
- 55 mg/dl за пациенти со многу висок ризик.

„Многу висок ризик се дефинира со постоење на позната коронарна срцева болест и дијабетес, бубрежна болест или активна историја на пушење“, вели д-р Сервер, додавајќи дека треба да разговарате со својот лекар за личното ниво на ризик.

Што треба да знаете за триглицеридите?

„Триглицеридите се масти во крвта што ни кажуваат повеќе за вашата исхрана во последните 24 часа“, вели д-р Сервер.

Тој објаснува дека триглицеридите се променливи и брзо се менуваат во зависност од тоа што сте јаделе.

„Некои луѓе имаат многу високи нивоа ако телото не може ефикасно да ги разгради. Високите триглицериди можат да доведат до акутни проблеми како што е панкреатитис“, вели кардиологот.

Според зборовите на д-р Сервер, идеално е триглицеридите да се одржуваат под 150 mg/dl.

Како да управувате со холестеролот?

Пред сè, потребно е да ги знаете своите бројки за да можете да управувате со нив. Освен разбирањето на LDL и триглицеридите, д-р Сервер ги поттикнува луѓето да го знаат и својот HDL, „добриот“ холестерол.

„HDL вредностите кај мажите се над 40 mg/dl, а кај жените над 50 mg/dl. Секое ниво над 60 mg/dl се смета за заштитно и помага во намалување на ризикот од коронарна артериска болест“, вели докторот.


Кога ќе ги добиете своите резултати, можете да почнете да преземате чекори за управување со холестеролот и намалување на LDL и триглицеридите ако е потребно. Подолу се некои совети што д-р Сервер им ги дава на пациентите чии LDL и триглицериди се превисоки.

Воведете физичка активност — вежбањето е добар начин да го зголемите HDL и така да го намалите LDL. Намалувањето на телесната тежина за 5-10 проценти може да доведе до значително намалување на LDL.

Ограничете ги заситените масти — исхраната е важна, особено ако внесувате многу заситени масти (присутни во некои пекарски производи, црвено и преработено месо). Американското здружение за срце препорачува ограничување на внесот на заситени масти на најмногу 13 грама дневно при исхрана од 2.000 калории.

Зголемете го внесот на влакна — доволно влакна во исхраната може да помогнат во одржување на холестеролот под контрола. Тоа може да се добие од извори како овес, јачмен и грав.

Вашиот лекар е најдобар извор за утврдување кои стратегии за намалување на холестеролот се најсоодветни за вас.