Пејачката Рита Ора беше меѓу гостите на гламурозната прослава по повод 50-годишнината од фондацијата „The King’s Trust“, одржана во лондонскиот Ројал Алберт Хол, а нејзиниот впечатлив стајлинг веднаш го привлекол вниманието на фотографите и модните коментатори.
За оваа свечена пригода таа избрала комбинација што ги спојува елеганцијата и театралноста. Во прв план било раскошното сатенско макси здолниште во нежна беж нијанса, со богат волумен и драматична силуета, кое го искомбинирала со едноставен краток горен дел во иста нијанса.

Сепак, клучното парче на целата модна комбинација била кратката јакна украсена со пердуви и флорален вез, која на изгледот му дала луксузен и малку винтиџ призвук.

Рита Ора дополнително го нагласила изгледот со залижана платинеста фризура и дискретна шминка, избирајќи минималистички бјути пристап за фокусот да остане на впечатливата модна комбинација.

Целиот стајлинг делувал како спој на гламурот на стариот Холивуд и современите трендови што во последните сезони доминираат на црвениот килим.

На настанот се појавиле и бројни познати лица, меѓу кои Џорџ и Амал Клуни, Лили Колинс, Рони и Сали Вуд, како и Ферн Котон. Вечерта била посветена на одбележувањето на работата на фондацијата „The King’s Trust“, порано позната како „The Prince’s Trust“, која ги поддржува младите од ранливи и социјално загрозени групи во стекнувањето самодоверба и вештини потребни за живот и работа.

Кралот Чарлс III пристигнал во класичен темносин костум, додека кралицата Камила блеснала во елегантен фустан со тантела. Меѓу гостите била и актерката Лили Колинс, ѕвездата на серијата „Emily in Paris“, која привлекувала погледи во сребрен светкав фустан, а на црвениот килим ѝ се придружил сопругот Чарли Мекдауел.

Манифестацијата ја славела храброста, креативноста и успесите на младите кои ги поддржува „The King’s Trust“ низ Обединетото Кралство и светот.