Во Скопје се одржува Национален натпревар на вештини за ученици од средните стручни училишта, поддржан од Европската унија и организиран од Занаетчиската комора на Скопје. Министерството за образование ја истакнува важноста на јакнењето на стручното образование за справување со предизвиците на пазарот на труд и за обезбедување практични и современи образовни решенија. Нови образовни профили и дуално образование се дел од стратегијата за поврзување на образованието со реалните потреби на компаниите.
Денес и утре во АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје се одржува национален натпревар на вештини, организиран од Занаетчиската комора на Скопје со поддршка од Европската унија. Настанот ги собира учениците од средните стручни училишта, а успешен настап им посакаа министерката за образование и наука Весна Јаневска, амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, директорот на Центарот за развој на стручно образование и обука Бесник Зендели, како и претседателот на Занаетчиска комора Скопје, Горан Ристовски.
Во говорот, министерката Јаневска истакна дека во време кога светската економија се соочува со недостиг на вештини, автоматизација и потреба за одржлив развој, јакнењето на стручното образование е клучна и стратешки оправдана насока.
„Министерството за образование и наука преку реформите во средното и високото образование го уредува образовниот процес така што обезбедува патеки кои вршат поврзување со пазарот на труд. Со воведувањето на дуалното образование, воспоставивме соработка помеѓу средните училишта и бизнис секторот, каде вкупно околу 800 компании им овозможуваат на учениците практична обука на работни места. Оваа бројка постојано расте бидејќи бизнисите јасно препознаваат придобивки од подобро обучени кадри и намалени оперативни трошоци“, изјави Јаневска.
Таа нагласи дека учениците кои се определиле да учат занаети ќе можат да продолжат образование преку дуален модел на високо образование, опфатен во новиот Закон за високото образование, кој наскоро е пред пратениците. Целта е да се овозможи создавање на високообразовани професионалци кои комбинираат практични вештини и академски знаења одговарајќи на барањата на модерниот пазар на труд.
Во моментов, стручното образование се реализира во 76 јавни средни училишта. Сите ученици имаат можност за практично учење преку работа. Во оваа учебна година околу 70% од учениците во деветто одделение се запишани во стручни училишта. За да се подобри квалитетот на образованието, од учебната 2025/2026 година во училиштата ќе бидат воведени кариерни советници и координатори за практично образование.
Јаневска исто така најави дека за учебната 2026/2027 година се обезбедени повеќе од 25.000 ученички места за прва година, од кои 17.000 се наменети за стручно образование, а скоро 7.000 места во дуални паралелки. Во образовната понуда се вклучуваат нови профили како техничар за мултимедиски технологии, компјутерски техничар за развој на видео игри и виртуелна реалност и техничар за енергетски ефикасно греење и климатизација.
„Средното стручно образование во Македонија станува препознатливо како успешен модел, а занаетите и понатаму имаат светла иднина. Популарно е да се каже дека занаетите се вистинско злато“, нагласи министерката.















