„Казна од 20.000 евра за незаконско фрлање отпад – нема толеранција!“, порачуваат од општина Аеродром

Макфакс

11/05/2026

12:31

572

Големина на фонт

а а а

Општина Аеродром изрече голема парична казна за правно лице кое незаконски депонирало градежен шут на јавна површина во Долно Лисиче. Со засилените инспекции, општината настојува да го сопре загадувањето и создавањето на диви депонии на својата територија. Апелот е насочен кон граѓаните и компаниите да управуваат одговорно со отпадот и да ги почитуваат законските прописи.

За време на вонредна инспекциска контрола на локацијата „Купишта“ во Долно Лисиче, беше откриен камион што незаконски исфрлал градежен отпад, во спротивност со Законот за управување со отпад. Општинскиот инспекторат донесе прекршочен платен налог за одговорното правно лице, во согласност со член 130 од Законот, соопшти општина Аеродром.

За направениот прекршок, беше изречена казна од 20.000 евра во денарска противвредност. Општината продолжува со зголемени инспекциски активности и нема да дозволи нарушување на животната средина преку нелегално депонирање отпад.

Апелираме до сите граѓани и фирми да покажат совест при ракувањето со отпадот и строго да ги почитуваат постоечките законски регулативи. Несовесното однесување ќе биде строго санкционирано“, нагласуваат од општината.