Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека меѓу Русија и Украина ќе биде воспоставено тридневно примирје од 9 до 11 мај. Трамп ова го објави на социјалната мрежа „Truth Social“, наведувајќи дека за време на примирјето ќе бидат прекинати сите борбени активности и ќе биде извршена размена на по 1000 воени заробеници од секоја страна.
„Задоволен сум што можам да објавам дека ќе биде воспоставено ТРИДНЕВНО ПРИМИРЈЕ (9, 10 и 11 мај) во војната меѓу Русија и Украина“, напиша Трамп.
Тој додаде дека во Русија се одбележува Денот на победата, но и дека Украина била „голем дел и важен фактор во Втората светска војна“.
„Примирјето ќе вклучува прекин на сите борбени активности, како и размена на 1000 заробеници од секоја земја“, напиша тој.
Трамп тврди дека барањето за примирје дошло директно од него и дека цени што го прифатиле рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ова барање директно го поставив јас и многу ценам што го прифатија претседателот Владимир Путин и претседателот Володимир Зеленски“, наведе тој. Трамп изрази надеж дека станува збор за почеток на завршување на војната.
„Се надевам дека ова е почеток на крајот на една многу долга, смртоносна и тешка војна. Преговорите за завршување на овој голем конфликт, најголем од Втората светска војна, и понатаму траат и секој ден сме сè поблиску до договор“, напиша американскиот претседател.
Засега нема официјална потврда од Москва ниту од Киев за деталите на примирјето ниту за размената на заробеници







