Имаше чад, сега има и оган – Реал тргна по Мурињо

Точка

08/05/2026

21:01

421

Големина на фонт

а а а

Кризата во Реал Мадрид добива нова димензија, а сè погласни се приказните за враќање на Жозе Мурињо на клупата на мадридскиот гигант, откако раководството на клубот воспоставило директни контакти со „Специјалниот“.

Сезоната без освоен трофеј, слабите резултати и сè потензичната атмосфера во соблекувалната сериозно го разнишаа клубот од „Бернабеу“.

Ситуацијата кулминирала со физички конфликт меѓу капитенот Федерико Валверде и соиграчот Орелиен Чуамени, по кој уругвајскиот репрезентативец завршил во болница.

Според шпанските медиуми, претседателот на клубот Флорентино Перез проценил дека за следната сезона се неопходни драстични промени, а едно од клучните прашања се однесува на тренерската позиција.

Алваро Арбелоа, кој во јануари го наследи Чаби Алонсо, не успеал да ги исполни очекувањата, па евентуален пораз од Барселона во претстојното „Ел Класико“ би можел дополнително да ја забрза одлуката за промена на клупата.


Шпанска „Marca“ и фудбалскиот инсајдер Фабрицио Романо тврдат дека „операцијата Мурињо“ веќе е започната. Романо наведува дека Бенфика е запознаена со преговорите и сака да го задржи португалскиот стратег, но дека конечната одлука ќе зависи од Перез.

Според пишувањето на „Marca“, токму хаотичната ситуација во соблекувалната оди во прилог на враќањето на Мурињо, бидејќи во клубот сметаат дека тренер со негов авторитет би можел повторно да воведе дисциплина меѓу најголемите ѕвезди на тимот.


Мурињо моментално ја води Бенфика, која ја презеде минатиот септември по заминувањето од Фенербахче. Иако не загуби ниту еден првенствен натпревар, неговиот тим поради големиот број нерешени натпревари остана без титулата, која ја освои Порто.

Португалецот првиот мандат во Реал Мадрид го имаше од 2010 до 2013 година и во тој период освои титула шампион на Шпанија, Куп на кралот и Суперкуп на Шпанија, водејќи го мадридскиот клуб на 178 натпревари.