Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари работна средба со заменик-амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Никол Варнес, на која се разговараше за текот на законодавните процеси и зајакнувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
За време на средбата, претседателот Гаши ја информираше заменик-амбасадорката за ангажманот на Собранието во исполнувањето на приоритетите од процесот на пристапување во Европската Унија, нагласувајќи дека институцијата дејствува ефикасно во усвојувањето на законите поврзани со Реформската агенда. Тој подвлече дека приоритет на Собранието останува создавањето простор за квалитетна дебата и донесување закони во согласност со демократските стандарди.
Важна тема на разговорот беше и унапредувањето на процесите на дигитализација во Собранието, како предуслов за зголемување на функционалноста, транспарентноста и институционалната безбедност.
Исто така, се разговараше и за значењето на парламентарната дипломатија и зајакнувањето на соработката со меѓународните законодавни институции.
Претседателот Гаши изрази искрена благодарност за континуираната американска поддршка, потврдувајќи уште еднаш колку е важно стратешкото партнерство со САД. Од своја страна, Варнес ги оцени неговите напори за градење мостови на разбирање меѓу политичките субјекти и различните заедници во земјата.
На крајот од средбата, соговорниците повторно ја потврдија посветеноста за продолжување на блиската соработка во насока на зајакнување на демократијата, меритократијата и функционалните институции, како клучни вредности за иднината и демократскиот развој на земјата.







