Името на Жоао Пинеиро нема да остане во добро сеќавање меѓу навивачите на Баерн, но со исклкучително критички коментари се јавуваат и угледни имиња во фудбалската сфера, особено поради фактот што беше делегиран недокажан судија за еден од најважните натпревари оваа сезона.
УЕФА направи големо изненадување со селекцијата на Пинеиро за големото дерби во Минхен, па се чини дека на крајот направи голема грешка со оглед на конфузијата која ја предизвика Португалецот на теренот во неколку ситуации.
Во сите клучни моменти, ПСЖ профитираше од одлуките кои ги носеше португалскиот арбитар, а тоа посебно ги налути и Тјери Анри и Џејми Карагер, фудбалските легенди кои ја коментираа неговата арбитража од студиото на „Си-Би-Ес“.
– И јас бев на теренот и знам колку вакви моменти можат да бидат важни. Знам какво е чувството кога се носи одлука против вас. Играњето со рака на Невеш е очигледно. Во оваа фаза од натпреварувањето, на ова ниво, судењето мора да биде на највисоко ниво. За жал, не беше така. Судијата мора да биде подобар од тоа што беше вечерва. Мене посебно ме фрустрира неконстантноста. Веќе гледавме како вакви ситуации беа пенал оваа сезона, но сега не беше така. Некој нека ми каже каков е критериумот.
– Играчите тренираат секој ден, се жртвуваат за вакви вечер, а потоа еден човек со една одлука може да промени цела динамика на еден меч. Не сакам да драматизирам, го велам ова искрено. Ова не беше стандардот кој треба да го очекуваме од еден судија. Такви грешки не смеат да се случуваат на ова ниво. Судиите заслужуваат почит, но понекогаш не можете да молчите. Баерн играше дома, а изгледаше дека секоја одлука беше донесена против нив, – порача Анри, па се надоврза и Карагер.
– Ги гледам сцените и навистина сум бесен. Раката на Жоао Невеш е испружена како да регулира сообраќај. Тоа е играње со рака и чист пенал за Баерн. Исти глупости гледавме и на Арсенал против Атлетико, вакви одлуки решаваат натпревари. Вакви моменти одлучуваат судбина на еден клуб, една судиска грешка може да ви ја уништи цела сезона. Апсурдно е да се случува такво нешто во полуфиналето во Лигата на шампиони, едноставно не смее да има вакви грешки. Ова изгледаше како да е селска лига, – изјави Карагер.









