„Meta“ ја купи компанијата „Assured Robot Intelligence“ („ARI“), стартап кој развива вештачка интелигенција за роботи со цел „да одговори на клучните предизвици на пазарите на труд со висока вредност“.
Компанијата веќе интерно работи на роботски хардвер и вештачка интелигенција, но портпарол за „Bloomberg“ изјави дека „ARI“ ќе донесе „длабока експертиза во дизајнот на модели и напредни можности за контрола на роботи и самостојно учење, со фокус на контрола на целото хуманоидно тело“.
Финансиските детали од оваа аквизиција не беа објавени.

Во објава на платформата „X“, коосновачот на „ARI“, Шиаолонг Ванг, истакна дека уште од самиот почеток знаеле дека постигнувањето на целите на компанијата подразбира „тренирање вистински физички агент за општа намена“.
Тој додаде дека сега веруваат оти тој агент ќе биде во хуманоидна форма, како и дека „скалирањето ќе се постигне преку директно учење од човечко искуство“.

Ванг и неговите партнери, како и целиот тим на „ARI“, ќе му се приклучат на одделот на „Meta“ наречен „Superintelligence Labs“, а интересно е што еден од нив бил и коосновач на компанијата „Fauna Robotics“, но ја напуштил минатата година, пред „Amazon“ да ја преземе за потребите на сопствениот проект за хуманоидни роботи.
Техничкиот директор на „Meta“, Ендру Бозворт, уште во 2025 година изјави дека компанијата има цел да креира софтвер кој други фирми би можеле да го лиценцираат, слично на она што „GOOGLE“ го прави со оперативниот систем „Android“.

„Софтверот е тесното грло“, објасни тогаш Бозворт, нагласувајќи дека планот бил да се започне со развој на софтвер за прецизна роботска рака, а потоа технологијата дополнително да се надградува.
Покрај „Meta“ и „Amazon“, и „Tesla“ веќе подолго време работи на хуманоидни роботи. Производителот на автомобили претходно оваа година одлучи да го прекине производството на моделите „S“ и „X“, со цел производствените капацитети во фабриката во Фримонт да ги пренасочи кон производство на хуманоидните роботи „Optimus“.











