Муцунски и Берсе во Скопје: Фокус на европскиот пат и реформите

Макфакс

07/05/2026

12:20

114

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин и оствари средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој престојува во својата прва официјална посета на Македонија.

Во таа прилика, министерот Муцунски истакна: „Во текот на овие три децении, како полноправна членка на Организацијата, созревавме како демократско општество, но и активно придонесувавме кон мисијата на Советот на Европа – заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото.“

На средбата стана збор за повеќе теми од интерес за Северна Македонија, нејзиниот евроинтегративен пат и реформските процеси, како и за улогата и поддршката на Советот на Европа во тој контекст.

Министерот Муцунски ја истакна посветеноста на земјата кон принципите и преземените обврски, примарно изразени преку Европската конвенција за човекови права, но и преку мноштво други правни инструменти, почитувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права и соработката со мониторинг-механизмите, потенцирајќи ја важноста од нивно доследно почитување од страна на сите земји членки.

„Посебно задоволство изразив што напредокот на нашата држава, и покрај бројните предизвици, беше препознаен со затворањето на пост-мониторинг дијалогот од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа во јануари оваа година. Тоа за нас претставува признание, но и дополнителна обврска да продолжиме со уште посилна посветеност кон европските вредности – човековото достоинство, основните права и слободи и владеењето на правото“, додаде министерот Муцунски.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Берсе, во рамки на изјавата за медиумите изрази задоволство од посетата и од досегашната соработка, притоа нагласувајќи ја важната улога на Република Северна Македонија во градењето на стабилноста и демократските стандарди во регионот и Европа.

Соговорниците разменија мислења и за прашања поврзани со регионот и поширокиот европски контекст, во услови на актуелни геополитички предизвици и растечка несигурност, со акцент на војната во Украина, нашата поддршка и солидарност, како и важната улога на Советот на Европа во таа насока.

Воедно, беше изразено уверување дека конструктивната соработка ќе продолжи и за време на нашето шестмесечно претседавање со Комитетот на министри, кое започнува во ноември следната година.