„Кроациа ерлејнс“ откажува 900 летови

Макфакс

06/05/2026

21:08

256

Големина на фонт

а а а

Хрватскиот авиопревозник „Кроациа ерлејнс“ (Croatia Airlines) во следниот квартал откажува околу 900 летови, односно пет проценти од вкупно планираните 27.000 операции, поради драстичен раст на цените на авионското гориво кој предизвика криза во светскиот воздушен сообраќај.

Поради кризата предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток, авиокомпаниите ширум светот само во мај откажале 13 илјади летови, што значи дека од распоредот се избришани околу два милиони седишта, пренесува „РТЛ“.

Цените на горивото значително пораснаа, што доведе до една од најголемите кризи во авио индустријата од пандемијата на коронавирусот. Славен Жабо, директор за комерцијални работи во „Кроациа ерлејнс“, ја потврди сериозноста на ситуацијата.

Тој изјави дека неповолната геополитичка состојба значително влијаела на цената на горивото и дека таа се удвоила од почетокот на кризата, растејќи побрзо од цената на суровата нафта. Според него, трошоците ќе предизвикаат милионски загуби за сите авиокомпании, пренесе „Индекс“.

Како одговор на кризата, компанијата вовела кризно управување и се обидува да ги компензира трошоците преку оптимизација на мрежата на летови и зголемување на ефикасноста. Оптимизацијата, како што објасни, значи усогласување на капацитетите со побарувачката, трошоците и приходите на одредени линии, што вклучува и откажување летови.

Потврдено е дека се откажани околу 900 летови, иако компанијата дневно изведува и до 100 летови.

Според Жабо, на цените на билетите ќе влијаат и зголемените трошоци на другите учесници во системот. Аеродромот во Загреб најавил зголемување од 20 проценти од 1 јуни, што ќе се одрази преку зголемување на патничките такси.

Тој нагласи дека е тешко да се предвиди колку точно ќе поскапат билетите, бидејќи цените зависат од побарувачката на одредени линии и можат да се движат и нагоре и надолу.

Жабо истакна дека компанијата бележи раст на патници од 23 проценти во првите четири месеци од годината, со речиси 100.000 повеќе превезени патници, и изрази оптимизам за туристичката сезона.