За десет години од денес, новиот претседател на Русија ќе положи заклетва пред нацијата, пред политичката, верската и воената елита на земјата.
Само по втор пат во овој век, нивните погледи ќе бидат насочени кон некој друг, а не кон Владимир Путин.
Барем така гласи теоријата. Според рускиот устав, претседателскиот мандат на Путин истекува во 2036 година, а претседателските инаугурации традиционално се одржуваат на 7 мај, пишува „Тајмс“.
Сепак, многу работи остануваат нејасни. Дали Путин, кој во 2036 година ќе има 83 години, ќе биде подготвен да ја предаде власта на наследник или ќе се обиде да владее доживотно, како царевите од минатото? Додека војната во Украина предизвикува сè поголеми економски и општествени проблеми во Русија, дали воопшто ќе ја дочека можноста да ја донесе таа одлука?

Државен удар во Кремљ?
Кога Путин ја започна војната во 2022 година, веруваше дека тоа ќе му обезбеди место меѓу најголемите руски водачи во историските книги. Наместо тоа, лошо изведената инвазија го остави веројатно послаб од кога било во текот на неговото 26-годишно владеење.
Наместо победнички паради во Киев, Путин е сè позагрижен поради можна завера на членови на руската политичка елита, кои би можеле да го соборат од власт или дури да го убијат со дронови, според протечена проценка на неименувана европска разузнавачка агенција.
Во извештајот, кој бил доставен до западни медиуми, се наведува дека Кремљ ги зајакнал безбедносните мерки околу Путин, вклучително и забрана за функционерите кои работат со него да користат телефони со пристап до интернет.

Тој и неговото семејство престанале да ги посетуваат своите луксузни резиденции, а Путин со недели престојува во бункери, вклучително и во оние во Краснодарскиот регион на југот на Русија, стои во извештајот.
По убиството на ајатолахот Али Хаменеи, иранскиот врховен лидер, во американско-израелски воздушен напад во февруари, Русија почнала со гасење на мобилниот интернет во Москва. Ограничувањата најмногу го погодиле центарот на градот.
Се верува дека овој потег бил поттикнат од извештаи според кои Израел можел да го следи движењето на Хаменеи и други високи ирански функционери преку хакирање камери за видеонадзор на улиците.
Во Москва има 250.000 CCTV-камери, а Кремљ бил загрижен дека Путин би можел на сличен начин да стане цел на Украина или на други непријатели, според зборовите на опозициски фигури и руски медиуми.

Кремљ соопшти дека пресметката со интернетот, која предизвика големо незадоволство во Москва е неопходна за да се спречат украински напади. Не беа споменати никакви конкретни стравови за безбедноста на Путин. Сепак, „Царград“, ултранационалистичка интернет-страница од Москва, наведе дека досега незабележаната забрана на мобилниот интернет веројатно е директна последица на „немилосрдниот лов“ на Израел и неговиот американски сојузник врз иранските лидери.
„Се појавија нови технологии: вештачка интелигенција, системи за надзор и камери што овозможуваат следење на движењето на луѓето“, изјавил Дмитриј Гудков, поранешен руски пратеник кој сега живее во егзил, за украинска телевизија.
„Мислам дека Путин пред сè ја проценува оваа ситуација и размислува за сопствената безбедност. Путин веќе има огромно ниво на заштита, но ваквите настани сигурно можат да ги зголемат неговите стравови“, додал тој.
Операција наследник
Европскиот извештај тврди дека Сергеј Шојгу, поранешен министер за одбрана и актуелен шеф на рускиот Совет за национална безбедност, е „поврзан со ризик од пуч, бидејќи и натаму задржува значајно влијание во воениот врв“.
Шојгу некогаш се сметаше за исклучително близок до Путин, а некои го гледаа и како можен наследник. Меѓутоа, Руслан Цаликов, негов поранешен заменик-министер за одбрана и близок соработник, беше уапсен во март под обвиненија за корупција, што, според извештајот, би можело да претставува предупредување за Шојгу.
Извештајот не можеше независно да се потврди, а неговото појавување предизвика сомнежи дека би можело да биде обид на западните разузнавачки служби да предизвикаат раздор во Москва.

Дури и опозициски политичари во егзил изразија сомнеж дека Шојгу има потенцијал или желба да тргне против Путин.
Андреј Пивоваров, опозициски политичар кој беше пуштен од руски затвор за време на размената на затвореници меѓу Истокот и Западот во 2024 година, за Шојгу рекол: „Тој е предмет на потсмев. Малку е веројатно дека би можел сериозно да смета на лојалноста на луѓето, особено на оние од безбедносниот апарат“.
Абас Галјамов, политички аналитичар во егзил и поранешен пишувач на говори на Путин, рекол: „Путин живее од ден за ден. Значи, тој во моментов ништо не исклучува. Не ја исклучува можноста дека можеби би сакал да си замине. Ги разгледува наследниците, различни луѓе, обидувајќи се да сфати кој од нив е најсоодветен за кои задачи“.

Путин во 2025 година изјави дека „секогаш размислува“ за тоа кој би можел да владее со Русија по него, но не именувал никого. Сепак, аналитичарите посочија можни наследници. Меѓу нив се: Алексеј Дјумин, поранешен телохранител кој е клучен помошник, Сергеј Собјанин, градоначалникот на Москва, и Дмитриј Патрушев, заменик-премиерот.















