Крајот на осумдесеттите во Белград не се препознавал само по музиката, кафулињата и гужвата по улиците. Се препознавал и по фармерките. По избелениот тексас, специфичните шари на ногавиците и мирисот на варикина кој се ширел од купатилата низ зградите ширум градот.
Пред деведесеттите да настаат со дизелашките модели, тесните кроеви и поплавата од копии од пазарите, Белград поминал низ своето последно големо модно лудило поврзано со џинсот. А во центарот на целата приказна биле познатите Levi’s 501 фармерки и едно сосема обично шише средство за белење.

Благодарение на тогашното производство во југословенскиот „Varteks“, оригиналните Levi's фармерки станале подостапни отколку порано. За многумина тие значеле многу повеќе од парче облека – биле светост. Тоа биле фармерки што траеле со години, се носеле до изнемоштеност и често преминувале од постар брат на помлад. Густиот, квалитетен тексас и темната индиго боја биле симбол на нешто што тогаш делувало светски и недостижно, пишува „Калдрма“.
Но модата кон крајот на осумдесеттите веќе не барала класичен темен џинс. Белградскиот асфалт почнал да бара нешто друго.
И го нашол.
Од телевизиските реклами и странските списанија почнал да пристигнува нов тренд – stonewash. Избелениот џинс со карактеристични премини на бои и „истрошен“ изглед станал опсесија на една генерација. Проблемот бил што оригиналните stonewash фармерки биле многу скапи, а домашното производство не можело лесно да го следи комплицираниот фабрички процес на избелување со камен.

По становите, најчесто доцна навечер купатилата се претворале во импровизирани модни работилници. Главните алатки биле ластичиња за коса, када и варикина.
Фармерките не смееле само да се стават во белило, затоа што целосно би ја изгубеле бојата. Затоа ногавиците се врзувале во јазли на секои неколку сантиметри за да се добие нерамномерен ефект и карактеристична „мрежеста“ текстура. Белградкиот „шминкер“ ме сакал фармерките да му бидат бели.

Клучната финеса била во „киселината“. И не се користела топла вода, туку фармерките се „киселеле“ во ладен раствор од варикина и вода во када, често преку ноќ.

Наутро следел моментот на вистината.
Кога наутро ќе се одврзеле јазлите, се добивал драматичен спој од темни индиго бразди и светли, речиси бели површини. И не само бањата, туку целиот стан со денови мирисал непријатно, но што е тоа наспроти задоволството.

Финесата по која се препознавал мајсторот била во шавовите. Ако „киселината“ го изела конецот на џебовите, фармерките изгледале евтино. Затоа поискусните ги премачкувале шавовите со восок пред потопувањето.

А потоа дошле деведесеттите. Ако во осумдесеттите „ги вареле“ фармерките за да се разликуваат, деведесеттите донеле поплава од фалсификати од домашни „фабрики“ во Нови Пазар. Тој тексас не бел ни приближно до оној од „Varteks“, но веќе доаѓал избелен. Наместо во белградските бањи, „киселината“ работела во големи кади кај тие „производители“.

И Levi's фармерките повеќе не биле еталон на модата. Сè се промнило за неколку години, а приказната за варикината и stonewash-от од бањите останала само уште едно поглавје во епот за љубовта помеѓу фармерките и Белград — од купувањето во Трст и „комисионите“ продавници, па сè до – варикина.

Епоха во која фармерките биле многу повеќе од облека и во која модата се создавала во купатилата на белградските солитери.












