Ослободување од американската сенка или понатамошен пад: Што ѝ нуди Пекинг на Европа?

Точка

04/05/2026

22:57

559

Големина на фонт

а а а

Односите меѓу Европа и САД се движат во правец на криза, а Пекинг во тоа гледа можност. Кина бара поддршка во Европа за идниот мултиполарен светски поредок.

„Европа деновиве го губи своето глобално политичко и економско значење. Дали елитите и јавноста во Европа се свесни за тоа?“. Ова прашање од публиката го поставил студент по право за време на политичка ТВ-емисија емитувана минатата година на мрежата на Шангајската медиумска групација (SMG), пишува Дојче Веле.


Прашањето е значајно. Тоа ја одразува перцепцијата на кинеската јавност за реалноста во Европа: економија што стагнира, зависна надворешна политика и недостиг од одбранбени капацитети. Дури и 81 година по завршувањето на Втората светска војна, европските сили и понатаму мора да му се покоруваат на Вашингтон. И покрај интензивните напори, Европејците досега не беа во состојба со сопствени ресурси да ја завршат војната на својот праг – војната што Русија ја води против Украина.

Гостите во студиото не биле изненадени од забелешките на студентот. „Тоа е сериозно прашање“, рекол Џанг Вејвеј, декан на Кинескиот институт при престижниот шангајски универзитет Фудан. Во Европа, како што рекол тој, сè е поврзано со САД. „Европејците сè уште веруваат дека претседателствувањето на Доналд Трамп е само минлив период и не можат или не сакаат да признаат што навистина се случува“. Но, сè повеќе луѓе се помириле со фактите, рекол Џанг во емисијата.


Улогата на Европа во мултиполарниот свет

Втор гостин во емисијата беше Вук Јеремиќ, поранешен претседател на Генералното собрание на ОН, а сега професор на елитниот француски универзитет „Sciences Po“. Тој рекол дека многу разговара со француски интелектуалци. „Таму недостасува разбирање дека работите во светот всушност се менуваат многу брзо“, истакнал Јеремиќ.

Пекинг го замислува идниот свет како мултиполарен поредок. Тоа е одговорот на Кина на ескалацијата на ривалството со САД, кои, по двете светски војни, доминираа практично во сите области. Сега Кина ќе игра клучна улога во обликувањето на иднината – и тоа не сама, туку заедно со Русија и други истомисленици. Притоа, интересно е што Кина во својата визија за иднината и Европа ја гледа како „независен пол“.


Логиката зад тоа е прилично едноставна. Со Велика Британија и Франција, Европа има два гласа со право на вето во Советот за безбедност на ОН. Единствениот европски пазар е исклучително привлечен за кинеската извозно ориентирана економија. Тоа стана особено очигледно поради трговската војна со САД. Притоа, компаниите во Европа и во Кина можат многу добро да се надополнуваат, сметаат комунистичките раководители во Пекинг.

Европа и понатаму има многу што да понуди во технолошка смисла. Кина, од друга страна, има производствени капацитети за сè и тоа по конкурентна цена. Економската размена е на високо ниво. Пекинг во тоа гледа можност да ја придобие Европа како сојузник – под услов таа да дејствува независно од САД во надворешната и економската политика и да се воспостави политичка волја за таков однос.

Глобализацијата стагнира од 1990-тите

Од крајот на Студената војна во 1990-тите, глобализацијата е во статична состојба, оценил Динг Чун, професор на Универзитетот Фудан и претседател на Шангајскиот институт за европски студии. Со својата доминација во Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, САД, како што рекол, промовирале економски програми во Латинска Америка и Европа, зацврстувајќи ја својата хегемонистичка моќ. Тоа е познато како „Вашингтонски консензус“.

„Но, времињата се променија“, посочил Динг на форум во Шангај во средината на април. „Многу работи повеќе не функционираат како порано, па ни во Европа. Помладата генерација во Европа е изморена од политичкиот естаблишмент. Социјалните мрежи ги прават исходите од изборите непредвидливи“, додал тој.


Сега Кина го доведува во прашање „Вашингтонскиот консензус“ и ги користи Обединетите нации како замена за своите цели. Во средата, на 29 април, Аналена Бербок го посетила Пекинг. Претседателката на Генералното собрание на ОН изјавила дека „Кина, како основач на Обединетите нации и постојана членка на Советот за безбедност, игра важна и водечка улога во поддршката на мултилатерализмот, заштитата на меѓународното право и промоцијата на трите столба – мирот, развојот и човековите права“, се наведува во соопштението за медиумите на кинеското Министерство за надворешни работи. Додека пак во 2023 година, кога била германска министерка за надворешни работи, Бербок го нарекла кинескиот претседател Си Џинпинг „диктатор“.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја искористил нејзината посета на Пекинг како можност да ја нагласи важноста на реформата на институциите на Обединетите нации и воспоставувањето на ОН како мултиполарна светска влада. „Кина со задоволство го поддржува вашиот понатамошен мандат“, изјавил Ванг.

Кризите се сè почести

Првиот чекор во тоа е подигање на свеста во Европа дека врската меѓу САД и Европа станала кревка. По Втората светска војна, тој сојуз настанал од заедничката егзистенцијална закана што ја претставувал советскиот комунизам, потсетил Јеремиќ, кој претходно беше министер за надворешни работи – и тоа на Србија, земја која од 2015 година преговара со Брисел за членство во ЕУ.


Покрај тоа, по падот на Берлинскиот ѕид, Европа уживала децении на огромен просперитет, продолжил Јеремиќ. Таа му служела како модел на целиот свет, покажувајќи како да се надминат конфликтите и поделбите од историјата, како да се расте заедно и како да се работи на заеднички просперитет и заедничка иднина. „Во меѓувреме, многу работи тргнаа наопаку. Кризите почнаа да се натрупуваат“, истакнал тој.

Глобалната финансиска криза од 2007/08 година беше проследена со миграциската криза во Европа во 2015 година. „Потоа дојде Брегзит во 2020 година и првиот мандат на Доналд Трамп од 2017 до 2021 година. Тоа доведе до заладување на односите, а потоа и до конфронтација меѓу Европа и Русија. Сегашната ситуација тешко може да се опише како оптимална“, нагласил Јеремиќ.

Ослободувањето од САД нема да биде лесно

„Европската Унија и понатаму продолжи да ги следи САД, а почна и да ја применува идеологијата на НАТО – ’Русија да се држи надвор, Германија долу, а Америка внатре‘“, рекол политикологот Џанг. Меѓутоа – тоа Русија да се држи надвор, Германија да се држи слаба, а Америка да остане во игра, „не им одговара на европските интереси“.

Но, дури и во иднина „раздвојувањето“, односно намалувањето на зависноста од САД, ќе оди многу тешко. Од економска гледна точка, голема грешка на Европа беше тоа што ја пропуштила таканаречената „Индустрија 4.0“, истакнал Џанг. Нема трајна конкурентска предност ако меѓу 20-те најдобри високотехнолошки компании нема ниту една европска опција. Во Европа се користат само американски платформи, а американските компании се задолжени за европските „Big Data“. Кинеските добавувачи обично немаат доверба во Европа.


„Пред многу години, Кина мислеше дека може да учи од германската ’Индустрија 4.0‘ како да ја усоврши сопствената индустрија. Денес за тоа повеќе никој не зборува“, додал Џанг. Терминот „Индустрија 4.0“, со кој се опишува дигиталното и мрежно поврзано индустриско производство, инаку бил создаден на саемот во Хановер во 2011 година.

Кинеските предлози за Брисел денес се следниве: станете независни, станете прагматичен партнер. Европа ја научи лекцијата за понизност. „Тоа има врска со понижувачкиот однос на Доналд Трамп кон Европа од почетокот на неговиот втор мандат во јануари. Европа во моментов ја проценува својата ситуација и сфаќа дека некои од нејзините главни приоритети едноставно се недостижни без економска и технолошка соработка со Кина“, пишува Дојче Веле.