Трамп: Иранските сили ќе бидат „избришани од лицето на земјата“ ако нападнат американски бродови

Макфакс

04/05/2026

21:27

153

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Иран дека неговите сили ќе бидат „избришани од лицето на земјата“ ако се обидат да ги таргетираат американските бродови што ги придружуваат бродовите низ Ормускиот теснец како дел од операцијата „Проект слобода“.

„Имаме повеќе оружје и муниција отколку што имавме порано. Имаме најдобра опрема, имаме бази низ целиот свет и сите се опремени. Можеме да го користиме сето тоа и ќе го користиме ако ни треба“, рече Трамп.

Тој истакна дека денес Иран „се обидел да нанесе неколку удари врз други нации“ и прецизираше дека бил погоден јужнокорејски товарен брод.

Тој изјави дека затоа американската војска денес нападнала и потопила „седум мали“ ирански чамци, додавајќи дека тоа е сè што им останало.

Како што објави Гардијан, во интервју за „Фокс њуз“, Трамп рече дека гледа два можни правци во војната: или постигнување договор со добра волја или продолжување на воените операции.

Тој рече дека Иранците сега се „многу поблаги“ отколку порано.

Трамп предизвика глобално негодување последниот пат кога упати слични закани, кога минатиот месец напиша на социјалните мрежи дека „целата цивилизација ќе исчезне“ ако Иран не ги исполни неговите барања. Претходно, тој исто така се закани дека ќе го бомбардира Иран „назад во камено доба“ и ќе ги уништи сите мостови и електрани во земјата, потсетуваат медиумите.

Соочен со критики за закани кои, доколку се спроведат, би можеле да претставуваат воени злосторства според меѓународното право, Трамп на крајот повторно го продолжи рокот, по што беше прогласено примирје