Иако тврдоглавоста често се доживува како карактерна особина на детето, во многу случаи таа се обликува од секојдневните обрасци на однесување во неговата околина.
Понекогаш дури и добронамерните родителски навики можат ненамерно да поттикнат отпор кај децата, кои постојано ги набљудуваат возрасните и учат од нивните реакции. Во продолжение четири чести родителски грешки кои можат да придонесат за развој на тврдоглавост кај детето, пишува „Тајмс оф Индија“.
Еден од најчестите обрасци што ја поттикнуваат тврдоглавоста е недоследноста. На пример, родителот најпрво вели „не“, но на крајот попушта по плачењето, расправијата или изливот на бес кај детето. Иако тоа може да изгледа како најбрз начин за смирување на ситуацијата, детето така учи дека со упорност може да го промени одговорот на родителот.

Со текот на времето, децата сфаќаат дека „не“ не е конечна одлука, туку само почеток на преговори. Целта не е родителот да биде строг по секоја цена, туку јасен и доследен. Ако кажете „не“, важно е да останете на таа одлука за детето да научи дека границите имаат смисла и дека не зависат од силата на неговата реакција.
Кога родителите постојано ја повторуваат истата насока, како „Заврши ја домашната задача“ или „Собери ги играчките“, таа со текот на времето ја губи важноста. Децата учат дека ќе следуваат уште неколку потсетувања пред навистина нешто да се случи. Таквиот образец ненамерно ги учи да го одложуваат она што треба да го направат и да се спротивставуваат сè додека притисокот не стане поголем.

Клучот не е родителите да престанат да го насочуваат детето, туку да го променат начинот на кој ги даваат упатствата. Тие треба да бидат кратки, јасни, конкретни и изговорени со мирен тон. Ако детето го игнорира упатството, треба да следува однапред позната и доследна последица, на пример привремено одземање на играчките што не ги собрало.
Децата се чувствуваат најсигурно во предвидлива средина. Кога нема воспоставена рутина, односно доследно време за спиење, оброци, игра и учење, тие можат да се чувствуваат збунето и да се спротивставуваат на обврските. Во такви ситуации, она што изгледа како тврдоглавост всушност е одговор на детето на нејасни очекувања.
Од друга страна, структурираната рутина ја намалува потребата од постојано повторување на упатствата. Таа им дава на децата чувство на контрола во рамките на поставените граници, бидејќи знаат што следува, а тоа може да го намали отпорот. Воспоставувањето доследен распоред за оброци, спиење и пишување домашна задача може да биде добар почеток.

Секој родител сака да му даде на детето можност за избор, но преголемиот број опции може да има спротивен ефект. Детето тогаш може да стане збунето, а понекогаш и тврдоглаво. Премногу избори може да му создадат впечаток дека тоа ја контролира целата ситуација, поради што може да почне да се спротивставува кога ќе наиде на граници или кога изборот нема да му биде понуден.
Наместо одлуките да ги остават целосно отворени, родителите можат да понудат ограничен број прифатливи опции. На пример, наместо прашањето: „Што сакаш да јадеш?“, подобро е да прашаат: „Сакаш јаболко или банана?“.