Уапсен маж осомничен дека ставил отров за стаорци во детските кашички

Макфакс

03/05/2026

08:17

710

Големина на фонт

а а а

Австриската полиција соопшти дека уапсила 39-годишен маж осомничен за вмешаност во случајот со труење на детски кашички со отров за стаорци, во она што германскиот производител на храна Хип го опиша како обид за изнуда.

Петте „манипулирани“ теглички со еден тип детска храна на германскиот производител Хип беа пронајдени минатиот месец во Австрија, Чешка и Словачка, пред да бидат консумирани, соопшти германската полиција. Шестата тегличка, за која се верува дека се наоѓа во Австрија, сè уште не е пронајдена.

„Денес успеавме да го уапсиме осомничениот, 39-годишен маж“, изјави портпарол на полицијата во источната покраина Бургенланд, каде што била пронајдена една од контаминираните теглички.

Полицијата не откри дополнителни детали, наведувајќи дека тоа би можело да ја загрози истрагата.

Претходно во текот на денот, весникот Кронен Цајтунг објави дека мажот бил уапсен во покраината Салцбург, која граничи со Германија.

Иако компанијата Хип не објави детали за уцената, австрискиот весник Ди Пресе објави дека по откривањето на случајот било утврдено дека во март до компанијата бил испратен мејл со барање за исплата од два милиони евра во рок од шест дена.

Според извештајот, компанијата не ја забележала пораката сè до две недели по истекот на рокот.

Од Хип изјавиле дека електронската пошта била испратена на групна адреса што не се проверува често.