Бразилецот трогнат од сцените: Касемиро со солзи во очите го напушти „Олд Трафорд“

Дерби

28/04/2026

16:15

376

Големина на фонт

а а а

Манчестер Јунајтед дојде на бод од обезбедување место во Лигата на шампиони и тоа беше главната цел која си ја постави клубот на стартот на сезоната, а од вчера е уште поблиску до истата благодарение на својот најдобар двоец.

Касемиро и Бруно диригираа со оркестарот на Мајкл Карик и повторно одиграа клучна улога во победата од 2:1 над Брентфорд, во која Бразилецот запиша нов гол, а капитенот нова асистенција.

Фернандеш дефинитивно ќе дочека ноќи во Лигата на шампионите како лидер на Јунајтед и наредната сезона, но од друга страна, Касемиро ги игра последните натпревари во црвениот дрес и вчера го заврши мечот со многу емоции.

Касемиро го бакнуваше грбот на Јунајтед по деветтиот гол во Премиер лигата оваа сезона, а по последниот судиски свиреж доби стоечки овации.

Навивачите на Јунајтед го скандираа неговото име во моментите кога тој ги отпоздравуваше од теренот, па Бразилецот пушти и некоја солза на заминување.

Инаку, Касемиро беше избран и за МВП играч на пресметката со Брентфорд, а тоа е дополнителна потврда дека кариерата во Јунајтед ја завршува во врвна форма.