Егзекуциите во Северна Кореја се зголемиле за време на Ковид-19 пандемијата, откри невладина организација со седиште во Сеул.
Според извештајот на Работната група за транзициска правда (TJWG), најмалку 153 лица биле егзекутирани или осудени на смрт помеѓу почетокот на 2020 година и крајот на 2024 година, што е драматично зголемување во однос на 44 лица во петте години пред пандемијата, пренесе Би-би-си.
Егзекуциите се зголемиле по затворањето на границите
Иако бројот на егзекуции се намалил помеѓу 2015 и 2019 година под меѓународен притисок по големата истрага на Обединетите нации, егзекуциите повторно се зголемиле во 2020 година откако Пјонгјанг ги затворил своите граници. Најмалку 54 лица биле егзекутирани таа година, а 45 следната година, што е огромен скок во споредба со просекот од пет егзекуции годишно помеѓу 2016 и 2019 година.
Од 144 документирани случаи на егзекуции и смртни казни за време на владеењето на Ким, најчестите прекршоци, регистрирани во 29 случаи, биле поврзани со религија, суеверие и странска култура. Јужнокорејските серии и К-поп, најголемиот културен извоз на Јужна Кореја, се забранети на Северот, а истражувачите велат дека режимот на Ким го гледа ширењето на јужнокорејската популарна култура како закана за својата идеологија.

Ретки снимки од 2024 година покажаа двајца тинејџери јавно осудени на 12 години тешка работа за гледање и дистрибуција на јужнокорејски серии. Други прекршоци што довеле до смртна казна вклучуваат критикување на Ким или владејачката партија, убиство со предумисла, трговија со дрога и помагање на други да избегаат од земјата.
Зајакнување на контролата поради преносот на власта
Во своето соопштение за медиумите, здружението „TJWG“ предупредува на мотивите зад зголемената репресија. „Додека режимот се подготвува за четврта генерација на наследен пренос на власта, постои висок ризик од зголемување на егзекуциите за зајакнување на културната и идеолошката контрола и одржување на политичката доминација“, се вели во соопштението.
Во извештајот се вели дека вкупно 358 лица биле погубени помеѓу 2011 и 2024 година. Податоците се собрани од сведоштва на повеќе од 250 севернокорејски дезертери од 51 град и округ. Повеќе од 70 отсто од овие егзекуции биле јавни, а огромно мнозинство биле извршени со стрелање.
„TJWG“, исто така, мапирал 46 локации низ земјата кои биле користени за егзекуции за време на владеењето на Ким. Егзекуциите достигнале врв во раните години од владеењето на Ким, со повеќе од 80 лица погубени во 2013 година. Работната група за транзициска правда, основана во Сеул во 2014 година од активисти и истражувачи од Јужна и Северна Кореја, САД, Велика Британија и Канада, ги следи злоупотребите на човековите права и објавува редовни извештаи за смртната казна во Северна Кореја.















