[ВИДЕО] Прогласена е за најдобра за живот, но нејзините граѓани едвај преживуваат: Истражување покажало алармантна состојба во една од најбогатите земји во светот

Точка

27/04/2026

22:19

593

Големина на фонт

а а а

Сѐ повеќе граѓани на Швајцарија едвај врзуваат крај со крај, и покрај тоа што живеат во една од најбогатите земји во светот, која е прогласена и за најдобра за живот.

Комбинацијата од високи кирии, поскапувањето на здравственото осигурување и стагнацијата на платите довела до тоа голем дел од населението на Швајцарија повеќе да не може ништо да заштеди, а некои едвај преживуваат од плата до плата.

Според големото истражување на весникот „Blick“, во кое учествувале повеќе од 7.000 луѓе, ситуацијата е алармантна. Речиси една третина од испитаниците, откако ќе ги платат сите фиксни трошоци, имаат помалку од 500 франци (околу 500 евра) слободни пари месечно, додека 13 отсто немаат ниту еден франк вишок. Само нешто повеќе од една четвртина од граѓаните успева да заштеди повеќе од 3.000 франци месечно.


Луѓето отворено зборуваат за своите тешкотии

„Работам полно работно време, мојата девојка работи 20 отсто од работното време. Со три деца, секој месец имам сѐ помалку пари за живот бидејќи сѐ поскапува. Платите веќе не растат“, вели Матијас Рајман.

„За да го издржувам семејството, прифатив дополнителна работа. Инаку не би можел да плаќам даноци ниту здравствено осигурување“, раскажал Енгин Харун.

На други, здравствените проблеми дополнително им ја отежнуваат ситуацијата. Таков е случајот и со Миријам Шенк. „Примам инвалидска пензија и дополнителни надоместоци. Здравственото осигурување и киријата се платени, но не останува многу. Ако пристигне голема сметка, нема простор за резерва. Често морам да прескокнувам оброци бидејќи не можам да си дозволам купување“, објаснува.

Пензионерот Роланд Кауг одлучил да се пресели во Шпанија бидејќи неговата пензија од 1.900 франци (околу 2.000 евра) повеќе не е доволна за живот во Швајцарија. „Педесет години помагав во изградбата на Швајцарија. Сега морам да живеам во Шпанија затоа што во Швајцарија е прескапо со пензија од 1.900 франци“, вели тој, пренесува „Вечерњи лист“.

Марија Баумгартнер исто така ја открива својата ситуација: „Се иселив пред девет години. Повеќе не можам да си дозволам живот во Швајцарија.“

Многумина го гледаат иселувањето како единствено решение. Додека едни едвај преживуваат, други сè уште успеваат да заштедат, но ги има сè помалку.

Швајцарија, која со децении беше симбол на благосостојба и стабилност, сè повеќе станува земја во која обичните граѓани чувствуваат дека повеќе не припаѓаат. Растот на цените на домувањето и здравственото осигурување најтешко ги погодува семејствата со пониски и средни примања, а сè погласни се повиците итно да се преземе нешто пред социјалната состојба во земјата дополнително да се влоши.