Босанскиот авантурист Роберт Дачешин го посети Хонг Конг, а новата снимка што ја сподели на својот Јутјуб канал покажува како изгледа животот во станови кои често не надминуваат површина од два квадратни метра, а кои го носат прекарот „кафез куќи“.
Дачешин на својот Инстаграм профил откри дека два месеци се обидувал да стапи во контакт со некој што ќе му овозможи да сними приказна за мрачната страна на домувањето во Хонг Конг.
„Внатре во нив не постојат соби на кои сме навикнати. Сè што таа личност поседува и целиот нејзин живот се одвиваат во простор како овој. Во некои од нив не можете ниту да се исправите ниту да се истегнете, а за парадоксот да биде поголем, сето ова се случува во Хонг Конг – еден од најбогатите градови во светот“, раскажа Дачешин.
Тој напомена дека Хонг Конг е град со најскап квадратен метар станбен простор на целата планета. Еден просечен стан во градот чини меѓу 20 и 25 годишни плати. Во Лондон таа бројка е близу 10 години, во Њујорк 8, а во Париз 12 години.
Дачешин потоа ги објасни причините за ваквата скапотија. Една од нив е ограниченоста на просторот – од вкупната површина на Хонг Конг, само седум проценти се денес изградени.
Сопствениците на просторот често изнајмуваат само место за спиење, а еден таков оглас што го прикажа во видеото подразбирал кирија од 196 до 305 евра.

Уште една причина е историјата на Хонг Конг, каде обичните луѓе не можеле да купуваат земјиште за изградба, туку само градежните компании на 75 или 99 години.
Дачешин во видеото посети зграда која содржи „кафез куќи“, а за некои од нив киријата изнесува 261 и 283 евра. Во една од нив живее пензионер кој му открил дека пензијата што ја прима изнесува 435 евра.
Повеќето од тие станови користат заеднички тоалет, а условите внатре се прилично лоши.
„Нема друго, таков е системот во Хонг Конг“, вели маж од Хонг Конг.
Тие напоменаа дека станодавачите секоја година ги зголемуваат цените на киријата, а дека владата не работи доволно на решавање на овој проблем.











