Вистинска драма се одвивала на патеката кај „Куба Либре“ во Охрид, откако параглајдер изгубил контрола при слетување и „за влакно“ била избегната сериозна несреќа со минувачите.
Според видеото објавено на јутјуб каналот на „Ohrid1.com“, се гледа како параглајдер кој лета многу ниско, прво удира во улична светилка на шеталиште, пред да падне на само метар-два до повозрасен пар. За среќа, инцидентот поминал без повредени.
Како што пренесуваат медиумите, со параглајдерот управувал параглајдерист којшто вршел комерцијални летови со туристи.
Веднаш по овој инцидент, реакциите на социјалните мрежи не стивнуваат, а граѓаните кои секојдневно ја користат оваа пешачка патека во Охрид се вознемирени и бараат надлежните институции итно да реагираат, да го испитаат случајот и да утврдат дали параглајдеристот ги почитувал безбедносните правила и дозволите за ваков вид комерцијални летови.
Информациите за „Точка“ ги потврди портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
„На 26.04.2026 во 21:05 часот во СВР Охрид е пријавено дека околу 14:00 часот две лица со параглајдер се спуштиле на пешачката патека после каналот „Студенчишта“ во Охрид, по што паднале на плочникот. Притоа, дел од опремата на параглајдерот ја зафатила електричната канделабра поставена на централниот дел од патеката која се скршила и паднала на пешачката лента. Во СВР Охрид, до овој момент нема пријава за повредени лица, а во консултација со јавен обвинител, се преземаат мерки за расчистување на случајот“.







