Американската скијачка Линдзи Вон била фотографирана во инвалидска количка на аеродромот во Лос Анџелес, два месеци по нејзината сериозна несреќа на Зимските олимписки игри.
Таа веќе некое време закрепнува од неколку операции по несреќата за време на натпреварот во женски спуст, која резултирала со тешка фрактура на левата нога и речиси ги принудила лекарите да ѝ ја ампутираат ногата.
Новите фотографии ја прикажуваат скијачката ѕвезда во инвалидска количка, додека персоналот на аеродромот ѝ помагал да се движи. На дел од фотографиите може да се забележи дека Вон носела и патерици.

И покрај повредата, проследена со долго и тешко закрепнување Линдзи сè уште има насмевка на лицето.

По инцидентот на натпреварувањето, таа заврши во болница, а лекарите се бореле да спречат ампутација на нејзината лева нога, откако скијачката страдала од компартмент синдром поради комплексната фрактура на тибијата, што ѝ предизвикало интензивна болка. Таа ја чувствувала болката дури и за време на првата компјутерска томографија.

„На половина пат, почнав да се потам. Имав толку многу болки. Врескав со сета сила: „Извадете ме надвор“. Едноставно не попушташе. Ми се врежа во мозокот“, изјавила таа претходно за „Венити фер“. Скијачката, трикратна освојувачка на златен олимписки медал, неодамна открила и дека се борела со депресија по повредата.

„Би рекла дека дефинитивно се подобри во последниот месец, но секако имаше и навистина лоши времиња. Мразам да бидам зависна од луѓе, а бев речиси 100 проценти зависна за сè. Беше вистински предизвик, самото тоа што бев сама во болница две и пол недели. Да бидам целосно неподвижна толку долг период беше навистина тешко“, изјавила таа за „Пипл“.

И покрај сè што е зад неа, Вон многу оптимистично гледа на иднината. Таа рекла дека „доживеала неколку убави пресвртници“ и дека „е сè поблиску кон враќање во реалниот свет и повторно пронаоѓање на својот живот“. Скијачката верува дека во следните шест недели ќе може да закрепне и да живее понормален живот. Таа исто така нагласила дека сè уште не завршила со скијањето.
„Без разлика дали е на тркачката патека или не, дефинитивно ќе се вратам“, истакнала Линдзи.









